Турскиот министер за животна средина и урбан развој, Мурат Курум, најави одобрување на планот за изградба на Истанбулскиот канал, нова пловна артерија што ќе ги поврзува Црното и Мраморното Море.
„Го одобривме планот за изградба на Истанбулскиот канал откако ги испитавме сите барања и приговори. Во овој контекст, ќе преземеме брзи чекори за да осигураме дека каналот служи во корист на нашиот град”, напиша Курум на својата страница на Твитер.
Турција планираше да започне со изградба на нов канал од 51 километар во 2018 година. Потоа беше планирано да се заврши работата во 2023 година, до 100-годишнината од основањето на Република Турција. Приближната цена на проектот е 10 милијарди долари.
Ердоган го најави проектот во 2011 година
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган постојано изјавуваше дека наскоро ќе се одржи тендер за изградба на Истанбулскиот канал, кој ќе се одвива паралелно со Босфорот.
Проектот за изградба на нов канал на 100 километри западно од Истанбул прв го објави Ердоган пред изборите во 2011 година.
Турската опозиција и градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, се противат на проектот и бараат за него да биде распишан референдум.
Се проценува дека новиот канал ќе може да поминува околу 160 бродови дневно, вклучително и танкери со носивост до 300 илјади тони.