Турскиот министер за Европската унија и главен преговарач со блокот, Мевлут Чавушоглу ги повика 28-те членки да се воздржат од „еднострани и нетрпеливи изјави преку медиумите“ и побара да се манифестира смиреност за настаните во Турција, што следеа по голема антикорупциска операција, соопшти „Хуриет дејли њуз“.
„Никој не треба да има сомневање во посветеноста на Турција кон принципот за владеење на правото и обврските кои потекнуваат од процесот за пристапување кон ЕУ“, напишал Чавушоглу на својот профил на „Твитер“.
ЕУ изрази загриженост за реакцијата на Владата во однос на истрагата за корупција, што ги засегна и некои познати имиња и роднини на членови на владејачката партија. Портпаролот на Европската комисија изјави во средата дека неодамнешните случувања во земјата се причина за загриженост.
Чавушоглу истакна дека секој треба да го почитува тековниот судски процес.
„Едностраните и нетрпеливи изјави преку медиумите во однос на судските постапки што се во тек, треба да се избегнуваат од почит кон владеењето на правото“, напишал министерот.
Политичкиот хаос во Турција се случи во средината на декември, како резултат на тврдењата за наводна корупција, во која се вмешани синовите на тројца поранешни министри и бизнисмени блиски до Владата на премиерот Реџеп Таип Ердоган.
Владејачката Партија на правдата и развојот инсистира дека ќе надмине истрагите, а Ердоган истите ги опиша како заговор за соборување на неговата Влада. Владата одговори со серија отпуштања на полицајци, како и со превземање на одредени дејствија во последните неколку дена, со цел зголемување на контролата врз судството .