Турските власта имаат намера да ја преименуваат улицата во главниот град Анкара во којашто се наоѓа амбасадата на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и ќе ја нарече по Фахрудин паша, историската личност којашто е во центарот на дипломатскиот скандал меѓу двете земји, пренесува во саботата агенцијата Anadolu.
Шеикот Абдула бин Зајед ал-Нахаџан, министер за надворешни работи на ОАЕ на Twitter минатата седмица објави обвинувања дека отоманските сили предводени од Фахрудин паша украле пари и ракописи од Медина во 1916 година во текот на Првата светска војна, кога овој град бил под контрола на Отоманското царство. Медина денес се наоѓа на територијата на Саудиска Арабија.
Градоначалникот на турската престолнина Анкара наредил дека улицата на којашто се наоѓа дипломатската мисија на ОАЕ да се преименува во Улица на Фахрудин паша, поранешен воен заповедник и управител на Медина.
Без да го именува шефот на дипломатијата на Емиратите, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во четвртокот сугерираше дека министерот нема знаења од историјата. Покрај тоа, вршителот на работи во амбасадата на ОАЕ беше повикан во турското министерство за надворешни работи поради споменатата објава.
Обединетите Арапски Емирати се близок сојузник на САД, и ја обвинуваат турската владејачка Партија на правдата и развојот (AKP) дека е поврзана со исламистичките сили против коишто се борат Емиратите.
Односите меѓу Турција и ОАЕ се затегнати и поради спорот со Катар, којашто Анкара ја поддржа кога во јуни Саудиска Арабија, ОАЕ, Бахреин и Египет, со поддршка на САД ѝ наметнаа санкција обвинувајќи ја дека го поддржува тероризмот.