ВИДЕО: Турција ја нападна Исламска држава

turcija islamska drzava

Турција ја нападна Исламска држава, утринава, кога воени авиони извршиле бомбардирања врз цели на џихадистичката група на територијата на Сирија, јавува „Асошиејтед Прес“, пренесува Нетпрес.

Телевизијата ТРТ објави дека четири борбени летата, полетале од базата Дијарбекир, во југоисточна Турција, и извршиле ракетен напад врз сириското село Хавар, кое се наоѓа непосредно до граничната линија со турската провинција Килис.

Според објавеното, авионите не го нарушиле сириското воздушно пространство.

Кабинетот на премиерот на Турција, Ахмет Давутоглу, испратил соопштение до јавноста во кое е наведено дека авиони од типот Ф-16 бомбардирале три локации на Исламска држава во северна Сирија, утринава. Информацијата ја објавија новинските агенции „Ројтерс“ и „Франс прес“. Нападите биле извршени во четири часот, а уништени биле три објекти на Исламска држава.

Оваа акција на турската армија се случува по нападите на џихадистите на позиции на војската на Турција долж границата. Вчера, пак, беше објавено дека Турција одлучила да им ја отстапи воената база Инџирлик на САД, за напади врз позиции на Исламска држава.

Инаку, Вашингтон одамна настојуваше Турција да тргне во поактивна борба со Исламска држава, која контролира големи територии во Ирак и во Сирија.

turcija-napad-islamska-drzava-erdogan
Турција ја нападна Исламска држава – Реџеп Таип Ердоган

Вчера Анкара одржа итна седница за национална безбедност, која ја раководел премиерот Давутоглу. Средбата била свикана поради значителното влошување на безбедносната ситуација во Турција, особено со терористичкиот напад во Суруч.

Во истовреме, турската полиција спроведува обемна антитерористичка операција во Истанбул, во која се вклучени повеќе од 500 полицајци, а е насочена против Исламска држава и младинските структури на Курдската работничка партија (ПКК), јавуваат локалните медиуми.

Во првите шест месеци од гоинава, турските власти привеле 457 осомничени за тероризам, државјани на 32 земји, на границата со Сирија. Сите биле уапсени при обид да влезат во Сирија, а нивната крајна цел била пристапување во редовите на Исламска држава. Турција има околу 900 километри гранична линија по копно со Сирија, и досега прифати околу два милиони бегалци.