Има огромен број неопределени туристи во Европа и Русија кои занемаруваат некои дестинации. Мислам дека како дестинација може да привлечеме дел од тие гости. Ако минатата година имало 856.000 сметам дека годинава треба да очекуваме над милион гости ако се биде како што треба. Се надевам дека нема да има проблеми со ситуацијата, со мигрантската криза, со протести.., рече денеска на прес-конференција претседателот на ТУК Аркан Керим.
Домашната политичка состојба, потенцира Керим, треба да се реши без турбуленции, бидејќи и најмал инцидент може целосно да не изолира во наредните пет години од туристичката мапа во Европа.
Главен адут на Македонија пред странските туристи, според Керим, е што се презентира како ол инклузив држава бидејќи е многу интересна и примамлива со цените. – Седум дена одмор во Македонија ќе ве чини како вечера во Дубровник и затоа сме многу интересни. Имаме прекрасна кујна и природа. Кога се ќе се спои луѓето уживаат, рече Керим.
Од ТУК предлагаат да се формираат општински и регионални туристички организации што ќе работат на квалитетна промоција на туризмот и ќе поттикнат нови инвестиции за збогатување на понудата.
Да се направат регионални туристички организации во кои градоначалниците ќе ги субвенционираат или ќе дадат поттик на локалните хотелиери да инвестираат, да се прават бањи. Имаме убави термални води на 30 километри од Скопје кај Катланово, но ниту еден хотел нема спа центар, рече Керим, укажувајќи дека паралелно со заложбите за носење странски гости сите туристички чинители треба да работат и на подобрување на услугата.
За да се следи светскиот тренд, според ТУК, треба позначајно да работи и на дигитализацијата на туризмот. Туристите, посочуваат, дизајнираат свој патувачки пакет, ги користат услугите и сообраќајот и функционираат на поголем радиус.
Бараат и поголеми контроли и сузбивање на нелојалната конкуренција за да нема случаи на агенциско продавање аранжмани од човек фирма, измами на туристи, неевидентирано издавање апартмани, непочитување на одредени закони, како што е законот за пушење.
Како позитивни ги оценуават новите хотели со четири и пет ѕвезди кои повлекле раздвижување за промени и кај останатите хотелиери.К
Како што информира Керим, евидентиран е зголемен број туристи од Азија. Престојуваат само со две ноќевања, а за поголем ефект треба да се привлечат на минимум четири. За година-две може да се очекуваат многу туристи и од арапските држави, Катар, Бахреин, Иран, како и од Казахстан.
Според Државниот завод за статистика, вкупниот број на туристи во Македонија лани изнесувал 856.843 што претставува зголемување од пет проценти во споредба со 2015 година. Бројот на домашните туристи е 346.359, односно има зголемување за 4,8 проценти, а на странските туристи е 510.484 и има зголемување за 5,1 процент.