По денешното одложување на собраниската седница на неодредено време и повторното одложување на усвојување на петтиот пакет мерки за помош на фирмите, како и изјавата на пратеникот Скендер Реџепи, дека граѓаните ќе можат уште некој месец да издржат без пари, бидејќи поважен е законот за државјанства, реагираше секторот туризам.
-Додека нас ни пристигнуваат опомени од УЈП за нереализирана плата за месец февруари и не знаеме што да правиме, бидејќи пари нема, сметаме дека овие денешни случувања се крајно загрижувачки и испраќаат негативна порака до нас како сектор и општо како граѓани на оваа земја, и ни даваат до знаење дека сме оставени на милост и немилост без никаква солидарност и разбирање за сериозноста на кризата со која се соочуваме, велат од туризам и додаваат:
„Бидејќи пратениците очигледно не знаат како е да се живее и преживува во оваа ситуација, ги повикуваме да повелат во било која отворена туристичка агенција во земјава и да видат какво е секојдневието и како се живее без плата и работа. Ги замолуваме да си ја сфатат работата професионално и согласно нивната одговорност кон нас, да престанат со негативни пораки и конечно да ги усвојат мерките за помош кои доцнат веќе цел месец. Во спротивно сите декларации за плата ќе бидат доставени во Собранието, заедно со ваучерите за туризам, бидејќи нашите агенции нема повеќе да постојат“.