Турската опозиција се среќава во хотел под надзор на амбасадата на САД, објавуваат медиуми

Состаноците на турскиот опозициски блок во напорите да се постигне цврсто негово обединување пред претстојните претседателски избори се одржуваат во ткн „глуви соби“ во хотел во сопственост на припадници на американското разузнавање, лоциран спроти амбасадата на САД во Анкара, објави турскиот дневен весник  Yeni Şafak.

Состанокот на челниците на опозициската Републиканска народна партија (CHP), Кемал Киличдароглу и на Добрата партија, Мерел Акшенер, се одржала во хотел лоциран на 30 метри од американската амбасада во Анкара, во обидот да бидат надминати меѓусебните разлики, претходно објави весникот Takvim. Киличдароглу, кој е заеднички кандидат за претседател на седум опозициски партии, се сретнал и со американскиот амбасадор Џефри Флејк по иницијатива на амбасадорот, потврдил Унал Чевикоз, советник за надворешна политика на кандидатот.

„Ги гледаме и напорите на Флејк во ангажираноста по разногласијата околу ‘масата на шесторката’ (како што се нарекуваат состаноците на опозицискиот блок – з.р.). Хотелот наспроти американската амбасада во Анкара стана седиште на ‘масата’. Не знаеме кој со кого се сретнал во хотелот или за што разговарале. Бидејќи постојат многу сериозни наводи дека хотелот има глуви соби кои припаѓаат на американското разузнавање“, пишува колумнистот на весникот Хусеин Ликоглу.

Во написот на весникот се наведува дека „амбасадорот Флејк дојде во Турција како човек од доверба на (американскиот претседател Џо) Бајден“. Во текстот се наведува и дека откако бил именуван од Бајден истакнал дела Вашингтон треба да заземе сосема поинаков пристап во однос на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и да му се стави јасно до знаење дека САД ги поддржуваат челниците на турската опозиција, и дека поради тоа не треба да зачудуваат континуираните контакти на американскиот амбасадор со нив.

Претседателските и парламентарните избори во Турција се закажани за 14-ти мај, а на Ердоган најсериозен противкандидат е  заедничкиот кандидат на опозицијата, сојуз на шест партии од левата до националистичката десница а ја ужива премолчената поддршка на прокурдската HDP, Кемал Каличдароглу. Во изборната трка учествуваат и челникот на партијата Мемлекет, Мухарем Инџе, кој беше поразен од Ердоган на изборите во 2018 година, и кандидатот на коалицијата Ата, Синан Оган.

Резултатите од истражувањата на јавното мнение сѐ уште не откриваат јасен фаворит на изборите, но според неодамнешната анкета на опозицискиот институтот за истражување TAG Research покажува дека 51,8 отсто од гласачите го поддржуваат Киличдароглу за претседател, а 42,6 отсто го поддржуваат Ердоган.

Политичките аналитичари истакнуваат дека претстојните избори ќе бидат најнепредвидливи по повеќе од две децении и воедно најтешките за владејачката Партија на правото и развојот (AKP). Имено покрај тешката економска криза, земјотресот ги покажа и слабостите на државата на чијашто величина настојува Ердоган, катастрофалните земјотрес во кој животите ги загубија околу 50.000 луѓе откри негрижа во секторите за недвижности и градежништво што го поттикна растот во последните 20 години кога Ердоган беше на власт, но попуштањето на пропустите периодично беше спроведувани и пред појавувањето на неговата AKP.