Како што беше најавено, турскиот парламент во четвртокот ја одобри воената интервенција во Либија, гласајќи со 325 гласови „за“ и 184 гласови „против“ за испраќање турски војници во северноафриканската земја во екот на заканите од нова граѓанска војна.
Се очекуваше дека нама да има проблеми со прифаќањето на предлог-законот од претседателот Реџеп Тајип Ердоган, бидејќи неговата владејачка Партија на правдата и развојот (AKP), и неговиот крајно десно ориентиран сојузник Партијата на националистичко движење (MHP), имаат парламентарно мнозинство.
Беше свикана итна седница на која се дискутираше за предлогот кој на владата ѝ овозможува да се донесе одлука за времето и обемот за разместувањето, како и за бројот на припадниците на турските вооружени сили каде што треба да се испратат.
Турција ја поддржува Владата на националната единство (GNA) со седиште во Триполи, која од Анкара побарала испраќање војска, за да се одбрани од настапувањето на силите на Либиската национална армија (LNA) водена од маршалот Калифа Хафтар, кој ја поддржува владата чие седиште е во источниот град Тобрук и која силите во Триполи ги смета за „терористички“.
Турското министерство за надворешни работи предупреди дека либискиот судир може да стане нова Сирија. А регионалните медиуми објавија дека изминатиот период Анкара регрутира борци од сириската вооружена опозиција која е нејзин сојузник, за испраќање во Либија. Процените на медиумите се движат меѓу две и осум илјади сириски борци, од кои дел веќе се транспортирани во Триполи.
Портпаролот на германското министерство за надворешни работи, побара во понеделникот откако Турција го најави својот план, од сите вклучени страни да покажат „максимална воздржаност“, да го почитуваат меѓународното ембарго за оружје за Либија и да ги зајакнат напорите кон дипломатско решение. Германија, исто така, понуди да биде домаќин на меѓународна мировна конференција за Либија, која ја планираат Обединетите нации.
На странска воена интервенција во Либија во понеделникот се спротиставија египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри и неговиот италијански колега Луиџи Ди Мајо. Египет во четвртокот остро го осуди изгласувањето на планот за разместување на војнциите во турскиот парламент. Египетското министерство за надворешни работи наведува дека таквото разместување може „негативно влијание на стабилноста во регионот на Медитеранот“ и ја повика меѓународната заедница итно да одговори на овој потег.
Кабинетот на турскиот претседател помалку од еден час по усвојувањето на законот во парламентот соопшти дека Ердоган го разгледал со американскиот претседател Доналд Трамп ситуацијата во Либија во телефонски разговор во четвртокот. Трамп и Ердоган „ја истакнаа важноста на дипломатијата во решавање на регионалните прашања“, се наведува во соопштението и се додава дека, исто така, разговарале за ситуацијата во Сирија.