ТВ Нова во стечај тужи 14 поранешни новинари за наводни службени трошоци

Од вечерва стартува ТВ Нова
Од вечерва стартува ТВ Нова

Амбициозниот и скап проект на Сеад Кочан – ТВ Нова, која своевремено беше презентирана дека располага со најсовремена опрема и оти ќе биде на ниво на Си-ен-ен, денеска е пропадната телевизија, во стечајна постапка, во рамки на која дел од поранешните новинари добиле тужби дека ѝ должат пари на фирмата.

Станува збор за тужби против 14 новинари кои работеа во оваа телевизиска куќа поради наводни ненамирени сметки за аванси кои ги добивале за ситни трошоци (интернет, локален превоз и слично) при службени патувања. За парите што им биле префрлани пред да одат на пат, по враќањето, тврдат тие, поднесувале сметки со трошоците. Но, сега таквите сметки ги нема, па стечајната управничка ги тужи дека ѝ останеле должни на телевизијата.
„Тужени сме точно 14 новинари за наводно невратени аванси. Станува збор за суми од 1.000 денари па нагоре. Стигнати се тужби, а доколку новинарот не сака да оди на суд треба да плати околу 20.000 денари за долг од 1.000 денари, сосе дополнителните трошоци за адвокат. Но, има и еден случај каде што на колега му бараат да врати 200 000 денари. Ние како новинари сме запрепастени од оваа тужба од страна на стечајната управничка. Сме патувале службено, сме се раздолжиле и сега треба да се правдаме за нешто за што не сме виновни. Ако некое сметководство правело криминал, нека си го гонат тоа, не нас“, вели новинарката Љупка Камчева, која е една од тужените.
Таа вели дека иронијата е уште поголема затоа што фирмата им должи седум плати, кои преку стечајната постапка никако не можат да си ги добијат.

Со истиот став е и нејзината колешка од спортската редакција во ТВ Нова, новинарката Катерина Павлова-Николовска. Ако има пропусти во расчистувањето на сметководството, вели таа, тоа не може да биде одговорност на новинарите.
„Ние сме ги предале сметките за направените трошоци, а јас лично ја вратив и сумата која остана непотрошена. Сега сме во ситуација да се бара од нас истите пари да ги враќаме со дополнителни трошоци, камати, адвокати. Се надевам дека судот ќе ја увиди небулозноста на ситуацијава и ќе ги согледа нашите аргументи. Не е можно десетина луѓе да сме останале должни во фирмата и никој никогаш да не ни ги побарал тие пари додека сме работеле таму. Инаку ние, вработените, сме тие што го побараа стечајот поради огромните долгови кон нас“, вели Павлова-Николовска.
Стечајната управничка која ја води фирмата, Христина Јоновска, пак, вели дека нема сметки со кои се оправдуваат овие пари и не е нејзина вина што сметката на телевизијата не е намирена. Ако сметаат дека сметководството во фирмата имало пропусти, вели таа, можат да го тужат.
„Во завршната сметка на фирмата тоа е нерасчистено, не се доставени сметки за трошоците. Ако тврдат дека доставиле сметки, тоа требало да биде прокнижено. Ние разгледувавме разни начини како да се реши ваквата ситуација, но не може поинаку. Одборот на доверители донесе таква одлука и јас сум должна да постапам, тоа е моја законска обврска. Нека докажат пред суд дека се доставени сметки. Инаку, дел од новинарите почнаа и да ги враќаат парите“, вели Јоновска за „360 степени“.
Стечајната постапката за ТВ Нова на Сеад Кочан се отвори кон крајот на јуни 2018 со решение од Основниот граѓански суд во Скопје откако една година претходно вработените се жалеа на доцнење и неисплаќање на платите. Телевизијата почна со работа на почетокот на 2016 година.

Сопственикот Сеад Кочан, кој ја отвори телевизијата крајот на 2015 година, пак, се наоѓа во затворот во Идризово каде што издржува казна затвор од 4,5 години. Тој беше осомничен во предметот „Труст“ на СЈО кој се однесува на нерегуларно добивање на тендер од РЕК „Битола“ во кој учествувала и неговата фирма „Трансмет“. Заедно со него осуден е и Василие Авировиќ, но тој со правосилната пресуда доби условна казна затвор од две години кои нема да се извршат ако во наредните пет не стори кривично дело. Бизнисменот Сафет Ватиќ, пак, доби ослободителна пресуда. Покрај затворските казни, во случајот „Труст“ беше досудена и конфискација на имот во иста вредност како направената штета – околу 17 милиони евра.