Италијанската министерка за туризам Даниела Сантанке промптно и со одвај прикриена нервоза му одговори на германскиот министер за здравство Карл Лаутербах, кој во свој твит изрази сомневање во одржливоста на туризмот во Италија во изменетите климатски услови.
Откако допатува во северниот италијански град Болоња, Лаутербах ја проблематизираше иднината на Италија како посакувана дестинација за одмор поради големите горештини со кои се соочуваат и граѓаните и туристите на Апенинскиот полуостров.
Италија и другите земји до јужна Европа периодов се соочуваат со рекордни температури, што ги натера властите да издаваат метео-предупредувања, да ги затвораат главните туристички дестинации и да организираат помош за загрозените од жегата и пожарите.
„Топлотниот бран тука (Италија) е спектакуларен. Доколку вака продолжи, оваа дестинација за одмор долгорочно нема да има иднина. Климатските промени ја уништуваат јужна Европа и една ера се ближи кон својот крај“, објави на Twitter германскиот министер Лаутербах објавујќи мапа на германската климатска иницијатива Helmholtz.
Официјален Рим експресно реагираше, а министерката Сантанке порача дека Италија и натаму се радува што повторно го пречекува Лаутербах како турист.
„Би сакала да ми се заблагодарам на германскиот министер за здравство што ја избра Италија како своја дестинација, којашто впрочем секогаш беше омилена дестинација за одмор на неговите сонародници“, наведе италијанската министерка за туризам во изјавата.
Додаде дека граѓаните во Италија „се свесни за климатските промени“, коишто ја погодуваат „не само јужна Европа, туку и целата планета“.
„Сигирни сме дека Германците ќе продолжат сѐ повеќе да ги ценат италијанските празници“, додава Сантанке.
Туризмот во Италија годинава доживува прицут, бидејќи посетителите се враќаат на нивото на патувањата забележани пред пандемијата на ковид-19. Малку од сместувањата се евтини, а се очекува туристички рекордно лето.
Италија, покрај Австрија, во Германија минатата 2022 година била омилена дестинација за минување на летниот одмор, според податоците од германското Сојузно биро за статистика.