Twitter, сепак, ја избриша објавата за „убивањето Французи“

Водството на социјалната мрежа за микроблогирање Twitter сепак по подолго двоумење ја избриша објавата на поранешниот малезиски премиер Махатир Бин Мохамад во која напиша дека „Французите во историјата убивале милиони луѓе, од кои многумина биле муслимани, па сега муслиманите имаат право да бидат гневни и да убијат милион Французи поради масакрите од минатото“.

Од Twitter на оваа објава реагираа во четвртокот во два наврата. Прво со твит и порака за предупредување и се повикаа дека во интерес на јавноста е постот да остане на мрежата, а потоа го избришаа, но не го блокираа профилот на поранешниот малезиски премиер.

Објавата на Махатир се однесуваше на конфликтот на француските власти со муслиманските земји откако францускиот претседател Емануел Макрон порача дека ќе биде истраен во намерата да овозможи и натаму побјавување на карикатури на пророкот Мухамед, како слобода на изразувњето и основа на француските и европските вредности а што во исламот се смета за тешка навреда бидејќи верата брани секакво изобразување на ликот на Пророкот или на Господ.

Изјавата на Макрон пак следеше по нападот врз поранешната редакција на сатиричниот весник Charlie Hebdo токму поради објавувањето на спорните карикатури, како и обезглавувањето на средношколски професор кој на час за слободата на говорот ги прикажал карикатурите.

Но објавата на текстот на блогот на Махатир кој беше споделен и преку неговите профили на Twitter и Facebook се совпадна во четвртокот и со смртоносниот напад во базиликата во центарот на Ница, нападот врз обезбедувач на францускиот конзулат во саудискиот град Џеда, како и неколкуте спречени напади со нож во Лион, Авињон и Париз, зад кои според француските власти стои екстремната исламистичка сцена во Франција.

Од Facebook, каде што исто така беше објавен текстот на сега 95-годишниот Махатир кој сѐ уште е силно влијателен во исламскиот свет, веднаш го избришаа постот. „Не дозволуваме говор на омраза на Facebook и остро ја осудуваме секоја поддршка на насилство, убиство или физичко повредување“, напиша франциската филијала на најголемата светска социјална мрежа.

Осврнувајќи се на обезглавувањето на францускиот наставник поради карикатурата од страна на 18-годишен исламист од чеченско потекло среде бел ден пред гиманзијата, Махатир наведе во низа пораки на Twitter дека „не го одобрува атентатот, но дека слободата на изразувањето не вклучува навредување на другите“.

„Без оглед на тоа за која религија станува збор, луѓето кои се гневни убиваат“, напиша поранешниот малезиски премиер, за кој медиумите сега потсетуваат дека во минатото имаат контроверзни изјави за Евреите и за хомосексуалците.

Махатир како премиер на Малезија, доминатно муслиманска земја, пред падот на неговата влада во февраури годинава оцени дека францускиот претседател Емануел Макрон е „многу примитивен“.

„Французите би требало да ги научат своите граѓани да ги почитуваат туѓите чувства. Доколку се обвинуваат сите муслимани и муслиманската вера поради она што го сторило едно гневно лице, муслиманите имаат право да ги казнат Французите“, напиша Махатир во четвртокот.

Францускиот дражвен секретар за дигиталниот сектор, Седрик O ја повика американската платформа да го укине профилот на Махатир.

„Разговарав со генералниот директор на францускиот Twitter. Барав профилот на Махатир Мохамад да биде моментално исклучен. Twitter не би требало да биде соучесник во повиците на злосторство“, напиша Седрик О на својот личен профил.

Twitter прво ја остави пораката и додаде предупредување дека тој твит ги прекршил правилата во врска со величење на насилството но дека сметаат оти „достапноста на оваа порака може да биде во интерес на јавноста“. Потоа овој твит беше избришан со објаснување дека е тргнат бидејќи ја прекршил политиката на компанијата во врска со величењето на насилството. Другите објави на Махатир Мохамад и натаму се видливи.