Уапсен лажен инспектор на УЈП

Единица за економски и компјутерски криминал до ОЈО Скопје со кривична пријава го предаде лицето И.С. (37) од Скопје, заради постоење на основано сомнение дека сторил кривични дела – “лажно претставување“ и “измама“.

Имено на 09.09.2014 година во СВР Скопјe, оштетените Б.Т. и Д.Ј. поднеле Записник за прием на кривична пријава против извесен И.Н. службено лице вработено во Управа за јавни приходи, за извршени кривични дела “примање поткуп“, “лажно претставување“ и “измама“. Оштетените пријавиле дека пред околу еден месец во нивниот кафе бар “ГЕТ КАФЕ“ лоциран на улица “Сава Ковачевиќ“ дошле две  машки лица кои порачале пијалок и го повикале оштетениот Д.Ј. – управител на правното лице “ГЕТ КАФЕ“, а потоа и оштетената Б.Т.

Претставувајќи се како инспектори од УЈП, едниот како И.Н. кој не се легитимирал со службена легитимација, од Б.Т. побарал лист за наводно да направи записник дека нема неправилности во работењето на кафе барот, по што Б.Т. го потпишала записникот, но не добила примерок од истиот. Воедно другото НН лице од неа побарал 3.000 денари кои им биле дадени од страна на нејзиниот сопруг Д.Ј., по што двете лица им кажале дека се е во ред и дека во иднина нема да имаат никакви проблеми со било која инспекција.

Пред да заминат, И.Н. на оштетената и го дал неговиот телефонски број потенцирајки дека може да го бара доколку има било каков проблем со инспекции и оттогаш па се до 09 овој месец во неколку наврати и се јавувал велејќи и дека нема да има никакви проблеми.

Но завчера откако повторно ја побарал и и кажал дека во вечерните часови ќе има контрола од инспектори од УЈП побарал од неа 6.000 денарии за истите да не ги донесе кај неа во локалот, со образложение дека ќе ги почасти инспекторите за да не вршат контрола во нивниот кафе бар. Оштетените по ова го пријавиле случајот.

По пријавата, се превземени сеопфатни мерки и дејствија, при што истиот ден, на барање од И.Н. да се сретнат со оштетената пред кафе барот и да му ги исплати паричните средства, во непосредна близина на кафе барот „ГЕТ КАФЕ“, извршено е лишување од слобода на лицето И.С.. При извршениот личен претрес кај него се пронајдени шесте претходно обработени банкноти во апоени од 1.000 денари и истите со Потврда за привремено одземени предмети се одземени.

Инаку во изминатиот период против И.С. се поднесени кривични пријави во врска сторени неколку кривични дела “измама“: во 2006 година во фирмата “Просветно дело“ се претставувал како член на синдикатот на тогашно Електро Скопје; потоа во 2011 година измамил две физички лица – едното дека негов роднина наводно ќе му извади патна исправа, за што му земал 5.000 денари, а птоа и позајмица од 30.000 денари, а другото физичко лице го измамил ветувајќи му дека ќе купи ПМВ за фирмата на оштетениот земајќи му 147.600 денари, како и 10.000 денари за регистрација, а сепак возилото што го купил го пишал на името на својот татко; и минатата година на физичко лице му ветил дека ќе му купи мотор од Грција мотор во замена за неговото ПМВ и притоа му земал 300 евра а потоа уште 100 евра. Исто така И.С. во крим евиденцијата евидира и како сторител на кривично дело “затајување“ сторено во 2011 година.