Германската полиција објави дека во неделата уапсила маж поврзан со убиството на Валтер Либке, политичар од конзервативната Христијанско-демократска унија (CDU) на канцеларката Ангела Меркел кој беше застрелан во главата пред точно две седмици.
„Апсењето е спроведено врз основа на совпаѓањето на ДНК“, соопштија од канцеларијата на јавниот обвинител и државното биро за криминални истраги во сојузната покраина Есен во истрагата за расветлување на настонот кој ја шокираше оваа западна германска покраина.
Демохристијанскиот политичар беше погребан во саботата, откако малку по полноќ на 3-ти јуни е пронајден со прострелана глава во дворот на неговата куќа во селото Волфхаген-Истха, близу градот Касел.
Полицијата не открива информации за можниот мотив за злосторството, а германските медиуми шпекулираат дека 45-годишниот осомничен бил член на локалната десничарска екстремистичка сцена. Портпаролот на државниот обвинител одбил да ги коментира за агенцијата DPA написите од Frankfurter Allgemeine и таблоидот Bild кои известуваат дека приведениот маж од претходно ѝ бил познат на полицијата поради поранешни сериозни злосторства.
Апсењето следеше откако минатата седмица полицијата приведе едно лице, но и набрзо го ослободи. Државното обвинителство формираше 50-члена специјална комисија да ја истражи смртта на Либке, откако истрагата ја исклучи можноста дека извршил самоубиство.
Како член на CDU, Либке беше надлежен за локалниот совет во Касел и неколку години во покраинскиот парламент на Есен. Пред четири години Либке застана во одбрана на либералната доселеничка политика на Ангела Меркел, што му донесе многу непријатели во редовите на десницата. Ситуацијата ескалираше во 2015 година, откако Либке на еден протест како добредојде за имигрантите и бегалците порача дека „љубовта кон блискиот и христијанските вредности“ се фундаментални за животот во Германија, а на оние коишто не го споделуваат ваквото размислување им порача да ја напуштат земјата. Потоа следеа многу критики и закани до Либке, поради кои едно време беше ставен под полициска заштита.