Уапсен напаѓач во Северна Каролина, пет мртви во пукање

Напаѓач е уапсен во петокот во Роли, на југоистокот на американската сојузна држава Северна Каролони, откако убил пет лица, меѓу нив и полицаец кој не бил на должност, соопштија локалните власти.

Новинските агенции претходно известија за шест жртви во пукањето.

Осомничениот за нападот, за кој засега нема информации, ранил уште пет лица, меѓу нив и уште еден полицаец чиј живот не е загрозен, изјави градоначалничката Мери-Ен Болдвин изразувајќи жалење поради „тажниот и трагичен ден“.

Првите истрели се слушнале околу 17 часот по локално време, 23 часот по средноевропско време, на шеталиште во градот со 500.000 жители, кој е главен град на Северна Каролина. Тогаш бил распореден голем број припадници на безбедносните сили трагајќи по сторителот.

„Го видов како минува крај мојата куќа, во градината. Имаше ловечка пушка со долга цевка и носеше маскирна униформа“, изјавил за локалната мрежа WRAL, сведок кој сакал да остане анонимен.

На прес-конференцијата градоначалничката Болдвин изјави дека „полицијата на Рели околу 20 часот го опколила осомничениот во еден кварт“. Подоцна на социјалните мрежи полицијата објави дека „Осомничениот е во притвор“.

Масовните пукања во САД се редовна појава, што се толкува како последица од тоа што голем број луѓе поседуваат огнено оружје кое лесно се набавува. Во борбата со оваа зло „мораме да сториме повеќе“, изјави градоначалничката Болдвин.

Околу 49.000 луѓе настрадале од огнено оружје во САД во 2021 година, а 45.000 претходната 2020 година, којашто беше годината со најголем број жртви. Тоа се повеќе од 130 убиства на ден, од кои половината се самоубиства.