Уапсен провалник кој ограбил два стана

Полицијата уапсила провалник кој ограбил два стана во скопската населба Аеродром, информираше МВР.

Станува збор за А.Н.(32) од Скопје, против кого полицијата поднела кривична пријава за кражба и за тешка кражба во кои се стекнал со противправна имотна корист од околу 45.000 денари.

 Првото кривично дело А.Н. го извршил на 15 април годинава околу 21.40 часот во стан на улица Петар Ацев. Тој се качил на терасата и преку отворената врата влегол  во станот. Додека пребарувал по собата дошла сопственичката на станот, па А.Н. на брзина зел лап- топ и избегал преку терасата.

Втората кражба осомничениот ја извршил на 2 септември, исто така во стан на улицата Петар Ацев. Овој пат се прекачил преку отворен прозорeц од кујната, па откако насилно го отворил комарникот влегол во станот. Од таму зел ЛЦД телевизор , еден мобилен телефон, разновиден златен накит и два паричници во кои имало лични документи и пари.

Според полицијата, дел од украдените предмети А.Н. ги продал на пазарот во Шуто Оризари, а дел ги заложил во заложна куќа, од каде заложените предмети со потврда се одземени и вратени на оштетените.