Невработен 26-годишен маж е уапсен поради смртни закани кон премиерката на Италија Џорџа Мелони и нејзината шестгодишна ќерка, соопшти денеска полицијата.
Тој бил незадоволен од плановите на италијанската влада за намалување на субвенциите за невработените.
Сицилијанецот е под истрага поради закани преку Интернет, неговата куќа е претресена, а неговиот профил на Твитер е укинат, се вели во соопштението на полицијата.
Десничарската влада на Италија, предводена од Браќата од Италија на Џорџа Мелони, сака следната година да ограничи одредени социјални бенефиции, пред целосно да ги укине во 2024 година, кога ќе бидат заменети со нови мерки кои допрва треба да бидат објавени.
Мелони, која е на власт од октомври, смета дека работоспособните граѓани не можат бесконечно да живеат од државна помош.
Доколку предлогот помине во буџетот за 2023 година, ќе се укинат социјалните бенефиции од кои се планира да бидат изземени домаќинствата со деца, лицата над 60 години и луѓето со попреченост.