Полицијата уапсила скопјанец осомничен за убиството на момче од Мралино, минатиот месец во Студеничани, информираше МВР.
СВР Скопје со кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство-Скопје го предаде лицето К.А.(40) од Скопје, поради основи на сомнение дека сторил кривично дело “убиство“ предвидено и казниво по члeн 123 од КЗ на РМ.
Според полицијата, К.А. убиството го извршил на 18 јуни околу 20.45 часот на улицата „2“ во Студеничани. Тогаш со пиштол марка „ТТ“ калибар 7,62 милиметри испукал повеќе проектили кон Е.Ш.(28) од село Мралино, по што со свое возило го напуштил местото на настанот.
Ранетиот Е.Ш. веднаш бил пренесен во Комплексот клиники “Мајка Тереза“, но наредниот ден починал од добиените огнострелни рани.
Инаку, според документираните сознанија од истрагата, на кривичното дело му претходеле расправии и физичка пресметка што во претходните неколку дена пред убиството се случиле помеѓу убиецот и жртвата.