Украинскиот заменик министер за инфраструктура Васил Лозински е уапсен под сомнение за проневера на средства наменети за реконструкција на оштетената инфраструктура во земјата.
Истрагата на Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ) открила дека проневерените јавни средства биле наменети за алтернативни извори на енергија во текот на зимските месеци, јавува Си-ен-ен. Украинското Министерство за инфраструктура го потврди апсењето на Лозински на својата официјална фејсбук-страница.
Според НАБУ, Лозински е обвинет дека примил 400.000 долари незаконска корист.
НАБУ тврди дека заменик-министерот примил пари за да овозможи потпишување договори за набавка на прескапа опрема и машини.
Од НАБУ велат дека минатото лето биле доделени околу 49 милиони долари за да се обезбеди населението со алтернативни извори на енергија, топлина и вода во зима поради ситуацијата предизвикана од уништувањето на клучната инфраструктура.
„Истрагата утврди дека низа функционери на централната и регионалната извршна власт одлучиле да проневерат дел од јавните средства. За да се постигне тоа, во таен договор со група посредници обезбедиле склучување договори за набавка со однапред одредени деловни субјекти чија цена беше преценета за речиси 7,6 милиони долари.“
„Извршени се низа претреси, при што во канцеларијата на претприемачот се пронајдени и одземени 920.000 украински гривни и 38.700 долари. „Исто така, во текот на ноќта е приведен еден од членовите на организирана криминална група што се обидувала да ја премине државната граница и да ја напушти Украина“, соопшти НАБУ.