Уапсени наводни припадници на Хамас осомничени за подготовка на терористички напади во Германија и Холандија

Полицијата во Берлин и Ротердам уапсила четворица припадници на палестинското исламистичко движење Хамас, кое Европската унија го смета за терористичка организација, осомничени за наводна подготовка на напади врз еврејски објекти во Европа, објави во четвртокот Федералното јавно обвинителство во Карлсруе.

„Тие беа уапсени под сомнение дека припаѓаат на терористичка организација и дека набавиле оружје што требало да се користи за напади врз еврејски објекти во Европа“, објави Федералното државно обвинителство во Карлсруе, кое е одговорно за случаите на загрозување на уставниот поредок на Германија. .

Федералното јавно обвинителство соопшти дека во Берлин се уапсени Абеделхамид Ал А. и Ибрахим Ел Р., родум од Либан и египетскиот државјанин Мохамед Б. Во Ротердам е уапсен холандскиот државјанин Назих Р., кој исто така припаѓал на оваа група.

Четворицата требало да го пренесат оружјето од тајно складиште, кое Хамас претходно го подготвил на европска територија, во Берлин, од каде ќе се вршеле напади врз еврејски објекти во Берлин и Европа.

Во четвртокот и данските власти уапсија неколку лица коишто, исто така, се доведуваат во поврзаност со Хамас.

„Истрагата покажа дека мрежа од лица подготвувала терористички напад“, изјави директорот на данската разузнавачка служба PET, Флеминг Дрејер.

Израелската тајна служба Мосад извести дека данските служби ја откриле „инфраструктурата на Хамас на европска територија“, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Сојузното државно обвинителство во Карлсруе наведува дека Хамас е терористичка организација која бара уништување на Израел и формирање верска држава меѓу Јордан и Медитеранот.

„Оваа група ја отфрла секоја секуларна државност како безбожна и го признава шеријатот како единствена легитимна основа на државноста“, се тврди во соопштението.

Од терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври, властите во Германија предупредија на можноста од терористички напади во Германија. Од ескалацијата на конфликтот во Појасот Газа, како што се тврди, нагло се зголемил бројот на напади врз објекти на еврејската заедница во Германија.