Четворица осуденици барани за издржување на затворски казни биле уапсени минатата недела во Струшко и Охридско, информираше МВР.
Во периодот од 11.10.2018 до 14.10.2018 година СВР Охрид и Полициската станица Струга реализираа акции за приведување на лица кои со пресуда од основни судови биле осудени на затворска казна. Од Струга и неколку струшки села приведени се четири лица кои го избегнувале издржувањето казна затвор, а за нив била распишана централна потерница, велат од МВР.
Во струшкото село Корошишта на 11.10.2018 година е приведен Б.Д.(43), кој бил во бегство и ја избегнувал затворската казна од десет месеци изречена од Основниот суд Охрид за сторено кривично дело силување. Тој бил префрлен во Казнено-поправната установа затвор „Струга“.
На 13.10.2018 година во Струга бил приведен И.М.(47) од струшкото село Радолишта. Тој бил во бегство, а бил осуден од Основен суд Охрид на две години затворска казна за кривично дело измама, како и на затворска казна од една година изречена од Основен суд Гостивар за кривично дело спречување на овластено службено лице во вршење службено дејствие. Тој бил префрлен во Казнено-поправната установа затвор „Идризово“. Истиот ден во струшкото село Ливада бил приведен Д.У.(30) од селото Корошишта, кој за сторено кривично дело неовластено изработување, држење посредување и тргување со оружје, распрскувачки материи од Основниот суд во Струга, бил осуден на тригодишна затворска казна. Тој бил префрлен на издржување на казната во КПЗ„Струга“, велат од МВР.
По распишана централна потерница од Основниот суд Скопје 1, во струшкото село Франгово во неделата бил приведен Р.И.(32) од истото село. Тој бил приведен за сторено кривично дело трговија со луѓе, по што бил префрлен и предаден на овластени службени лица во Основниот суд Скопје 1 за натамошна постапка.