Уапсените за рекетирање во денешната полициска акција се вработени во „Никоб“

Двајца од уапсените лица од скопско Батинци во денешната полициска акција, а кои се товарат за „изнуда“, се вработени во Агенцијата за обезбедување „Никоб“, неофицијално дознава Нетпрес.

Осомничените држеле заложник во казино, му изнудиле 50 илјади евра, а му земале и автомобил марка „порше кајен“.

Уапсени се петмина (Ј.К., М.Т., Р.С., Џ.Ќ., Е.Ч.), а за еден од нив веќе е определена мерка притвор во траење од 30 дена, додека на останатите им се одредени мерки за безбедност. За уште три лица (М.Р., С.Р. и Б.Р.)  е распишана централна потерница.

Нашите извори велат дека уапсениот Јасмин К. и Мирза Р., по кого е распишана потерница бидејќи е во бегство, се вработени во агенцијата за обезбедување „Никоб“, којa во изминатиов период ја следат дузина скандали.

За потсетување, МВР соопшти дека на 08 јуни, годинава, во СВР Скопје жител на Батинци пријавил дека на 05.06.2022 околу 20.30 часот во казино во селото Батинци, каде што по претходна вербална расправија со М.Т. бил повикан од Ј.К. и задржан подолго време, бил физички нападнат со тврди предмети од неколку лица, кои со закани му изнудувале до 10.06.2022 да им исплати 50.000 евра и му го одзеле патничкото возило „порше кајен“, во кое имало пари и лични документи, информираа од Министерството за внатрешни работи.