Убавина постои и мозокот автоматски ја препознава

Често може да се чуе дека „убавината е мит и дека вистинската убавина доаѓа одвнатре“, а дури 70 отсто од жените во рамки на едно истражување за убавина и среќа рекле дека се „чувствуваат поубави кога се задоволни со себе“.

Сите оние кои веруваат во „демократската“ идеја за убавина, односно дека секој е убав на свој начин, ќе бидат непријатно изненадени со резултатите до кои дошле австриските научници.

-Убавината не е работа на вкусот, таа објективно постои. Убавината ни пружа информации за возраста, плодноста, здравјето, а нашиот мозок се навикнал да ги препознае, истакнуваат истражувачите, чија студија е објавена во магазинот „Nature“.

Како што истакнуваат, „човечките суштества се опседнати со убавина “.

-А покрај таквата опсесија, јасно е дека постои нешто подлабоко од самите културолошки појави, вели австрискиот антрополог Карл Грамер.

Приказната за убавината не започнала со актерките ниту со манекенките, а денешната потреба да се говори за „имперфекција“ на овие или оние ѕвезди на модните писти не значи дека убавината може да се релативизира.

Грамер признава дека тоа може да има само мало влијание и истакнува дека естетскиот суд е комплексна мешавина на генетски, културолошки и објективни фактори, на кои им требало многу време за да еволуираат.

На прашањето која е вистинската убавина, истражувачите даваат пример – египетската кралица Нефертити, чија биста, стара 3.300 години се чува во Новиот музеј во Берлин – полна уста, високи јагодици, бадемасти очи. Овој идеал на убавината, кој постоел во антички Египет, постои и денес.

Со новите инструменти на науката идентификувани се главните карактеристики на привлечноста на нечие лице. Станува збор за симетрија и сексуален диморфизам (разлика меѓу мажите и жените).

Симетричното лице е пред се знак на здрав телесен развој, ослободено од генетски и инфективни болести. Изразеното женствено лице укажува на плодност.

Тешко е да се одолее на личност која поседува такви црти на лицето, бидејќи самото нејзино набљудување стимулира одредени делови на нашиот мозок, создавајќи чувство на задоволство.

-Кога ќе видиме убаво лице имаме чувство како да сме добиле премија на лото, додека кога ќе видиме понеубаво лице чувството е како да сме изгубиле пари, напоменуваат авторите на студијата.

Мозокот реагира брзо, автоматски на убавина, која го асоцира на идејата за добрина, со сите практични и несвесни импликации, кои таа ги подразбира.

Но, дали со тоа работата е запечатена еднаш засекогаш?

-Долго убавината била вредност која не било возможно да се фалсификува. Меѓутоа, денес, работите се променија, па така усните на Нефертити, нејзините очи и јагодици можат да се купат, наведува Грамер.

Потребни се уште 10 до 20 генерации на пластична хирургија за да ги видиме еволутивните последици. Бидејќи и кога ќе ја промените симетријата на лицето, мирисот ќе ве издаде, тврди тој, предупредувајќи дека не е лесно да се прелаже мозокот.