Во три од четирите натпревари одиграни во саботата во рамките на 21-то коло од шпанското фудбалско првенство домашните екипи постигнаа уверливи победи, а на единствениот дуел без победник беа постигнати четири погодоци.
Валенсија со 3:0 го совлада Вилјареал, а стрелци беа Диакаби во 4, Черишев во 51 и Родриго во 86 минута. Со трите нови бода Валенсија ја поправи својата позиција на табелата и стаса до седмото место со 29. Вилјареал, пак, сѐ повеќе тоне и е претпоследен 19-ти со 18 бодови, три помалку од позициите кои обезбедуваат опстанок.
Атлетико Мадрид со головите на Антоан Гризман во 27 и Нигуез десет минути подоцна уште во првото полувреме го реши прашањето на победникот во дуелот со Хетафе, кој остана на шестото место со 31 бод.
Атлетико сега има 44 бодови, два бода помалку од водечката Барселона која во недела гостува кај Жирона. Трета е Севилја со денешната победа има 36 бодови, колку и Реал Мадрид кој утре оди на гости кај Еспањол.
Во првиот саботен меч Севилја со 5:0 на својот стадион го победи Левенте, кој сега е 11-ти со 26 бодови. Сите погодоци беа постигнати во второто полувреме, а гостите ги начна Французинот Бен Једер во 48 минута, на 2:0 зголеми Португалецот Андре Силва во 60 минута, па во 71 минута гол постигна Аргентинецот Франко Васкез. Пабло Сарабиа во 80 минута реализираше пенал, а во 90 минута гостинскиот голман Оиер го одбрани ударот од белата точка на Квинси Промес, но Холанѓанецот успеа одбиената топја да ја смести во мрежата.
Еибар испушти водство од 2:0, постигнато преку Кике во 29 и Жоан Жордан во 35 минута на госту вањето кај Леганес, за кој бод спаси Ен-Насри со головите во 46 и 67 минута. Еибар е десетти со 26 бодови, а Леганес е 15-ти со 23 бодови.
Во недела играат Ваљадолид – Селта, Жирона – Барселона, Атлетик Билбао – Бетис,
Реал С. – Хуеска, Еспањол – Реал М. а во понеделник Алавес – Рајо Валекано.