Убиецот на Мартин Нешковски не се вратил во затвор

Специјалецот Игор Спасов, кој е осуден за убиството на Мартин Нешковски, не се појавил во затворот во Идризово, иако му изминал рокот за оправдан прекин на издржување на затворската казна.

Спасов требало да се врати во затворот инатиот петок откако завршил условниот прекин на затворската казна, меѓутоа тој не се вратил во Идризово и никој не знае каде е убиецот на Мартин Нешковски.

„Испратено е известување до судот во Штип дека Игор Спасов не се појавил во затвор. Од судот до сега редовно ни беше испраќано известување за прекин на издржување на затворската казна кој завршуваше на 18 октомври, во петокот“, изјави директорот Боби Мојсовски, пренесува МКД.

До 18-ти август оваа година тој една година наместо во затвор е на слобода, благодарение на медицинската документација која му го дозволува тоа. Судот во август минатата година прифати Спасов да биде пуштен на слобода, а оваа година исто така во август тој поднесе ново барање за прекин на издржување на казната. Тоа продолжување траеше до минатиот петок, но тој и натаму не е во затвор.

Инаку, Спасов е осуден на казна од 14 години затвор за свирепото убиство на Мартин Нешковски на скопскиот плоштад, за време на прославата на ВМРО-ДПМНЕ после победата на парламентарните избори.

Убиството на Нешковски подигра огромна прашина во македонската јавност, а беа организирани и низа на протести поради полициската бруталност. Специјалецот Спасов заврши во затвор во 2011-та година.