Поранешниот боксер, 42-годишниот Миле Марковиќ, е пронајден мртов во Стокхолм, јавуваат шведските медиуми. Тој е најден застрелан во главата, а автомобилот во кој што се наоѓал се’ уште работел.
Очевидци тврдат дека околу 18,15 часот слушнале неколку истрели по кои што убиецот побегнал со бел автомобил.
Марковиќ бил во центарот на вниманието на светската јавност во 2011-та година, кога потврдил дека поседува компромитирачки фотографии и снимки од шведскиот монарх Карл Густав 16-ти со оргии и девојки во стриптиз клуб во Стокхолм.
Шведскиот весник „Експресен“ истата година објавил една од компромитирачките фотографии на шведскиот монарх, која се појавила на еден интернет форум.
Фотографијата била поставена на форум на хакерска група која себе се нарекува „Ретроспективни копачи по Интернет“. Нивниот член со прекар Стиг Брит под објавената фотографија напишал дека е сигурен дека лицето на кралот е исечено од едно телевизиско интервју од 1976-та година.
Но, Миле Марковиќ потоа за истиот весник изјавил дека лицето на кралот не е вметанот на фотографиите и дека таа слика му е украдена.