Убиени и „спакувани“ – Кои се мотивите за грозоморните три убиства?

Три грозоморни убиства ја потресоа Македонија во изминативе денови, а јавноста засега е во недостик на информации од надлежните органи за мотивите поради кои злосторниците посегнале по животот на други луѓе и што ги натерало потоа да ги „пакуваат“ телата на своите жртви.

Две злосторства се случиле кај браната „Турија“ во близина на Струмица, каде беа најдени два маќки трупа, од кои едниот ставен во метално буре, а вториот во резервоар за гориво на камион. Едно тело на жена беше најдено „спакувано“ во пластична ќеса во скопското селото Горно Оризари.

Првиот случај беше на 20-ти јуни годинава. Телото на струмичанецот Ристо Иљашев беше најдено во метално буре, кое потоа било фрлено во водите на браната „Турија“. Според информациите на јавното обвинителство и полицијата, бурето во кое се наоѓало телото претходно било оштетено и во него поставени тегови со цел да се задржи под водата. За свирепото убиство е осомничен педесет и двегодишен жител од струмичкото село Добрејци, кој по приведувањето е притворен. Оттогаш нема никакви информации за мотивите и причините за ова грозоморно злосторство.

Во понеделникот, Министерството за внатрешни потврди дека во доцните попладневни часови бил најден човечки труп, повторно во Струмичко. Мртвото тело на маж било сокриено во метален резервоар за гориво од камион, кој потоа бил фрлен во водите на „Турија“. Трупот по наредба на јавен обвинител бил предаден на судска медицина за да се изврши обдукција и идентификација. Во информацијата се додава дека на местото на настанот полициски службеници од СВР Струмица и јавен обвинител преземаат други истражни дејства за целосно документирање и расчистување на случајот.

Засега други детали, за евентуален можен осомничен, за мотивите, како и информации за идентитетот на жртвата не се објавени. Повеќе поединости за овој случај како и идентитетот на жртвата, полицијата најави дека ќе бидат соопштени дополнително, како и тоа дали има некаква поврзаност со претходното злосторство.

Во вторникот јавноста беше повторно вознемирена откако вработен во јавното скопско претпријатие „Комунална Хигиена“, додека патувал кон селото Горно Оризари, наишол на црна пластична ќеса, во која имало човечко тело. Било утврдено дека станува збор за безживотно тело на девојка од скопско.

Според неофицијални информации до кои дојде НетПрес, мотивот за убиството се семејни расправии и нерасчистени брачни односи.

Но, од тоа што полицијата официјално го посочи за овој случај е дека веќе се приведени неколку лица, осомничени за инволвираност во злосторството и во соработка со Обвинителството се работи на негово расветлување.

Надлаежните истражни органи, исто така, најавуваат дека за многу брзо време ќе излезат со подетални информации и за втората жртва во Струмица.