Убиени најмалку 15 демонстранти против пучот во Судан

Суданските безбедносни сили убиле најмалку 15 луѓе и раниле повеќе десетици, откако во средата илјадници Суданци излегле на улиците да протестираат против воениот преврат, што е најсмртоносниот ден во демонстрациите против воената хунта кои траат веќе цел месец, соопштиле лекарски извори за агенцијата Reuters.

Демонстрантите во суданската престолнина Картум, како и во брадовите Бахри и Омдурман, бараат воспоставување цивилни власти и судење на водачите на пучот изведен на 25-ти октомври.

Безбедносните сили пукале со вистински куршуми и истрелале солзавец врз демонстрантите. Претходно во текот на денот била оневозможена комуникациите во мобилната телефонија, рекле очевидци за Reuters. Државната телевизија објави дека има повредени демонстранти и полицајци.

„Пучистите наголемо користеа вистински куршуми во различни реони на главниот град и десетици луѓе имаат рани од куршуми. Некои од нив се во тешка состојба“, објави Главната комисија на суданските лекари, групација која е поврзана со демонстрантите.

Лекарите наведуваат дека најмногу загинати има во градот Бахри. Очевидец за Reuters рекол дека демонстрантите поставуваат барикади на улиците.

Некои носеле фотографии во претходните протести и фотографии на Абдал Хамдок, премиерот кого пучистите го ставија во домашен притвор. Во воениот удар уапсени се и повеќето членови на владата и челниците на провладините партии.

„Луѓето во моментов се преплашени“, рекол демонстрант во Омдурман.

Претходно на главната улица во Картум демонстрантите палеле гуми и извикувале „Народот е посилен, нема повлекување“. „Легимитетот доаѓа од улицата, а не со топовите“, еден од слоганите на демонстрантите.

Водачот на воениот преврат, генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, изјави претходно дека мирните протести се дозволени и дека војската не ги убива демонстрантите.

Западните држави го осудија пучот, повикаа притворените функционери да бидат ослободени и се заканија со запирање на помошта, доколку војската повторни не ја споделува власта со цивилите.

Суданската влада на претседателот Хамдок беше формирана откако долгогоришниот поранешен авторитарен претседател Омар ал-Башир беше соборен од власта во 2019 година по долгите масовни протести. Од соборувањето на Башир со земјата владееше ткн Суверен совет предводен од генералот Абдел Фатах ал-Бурхан кој ја контролираше владата на Хамдок. Но таа поделба на власта, заснована на соработката на цивилните и воените челници, од почетокот беше многу кревка.