Кумановската фирма за увоз на лекови „Гео Фарм“ не работи скоро две години, пропаднатиот обид за поткуп од 10 отсто од приходот, што го барале од Агенцијата за увоз на лекови, ја пломбирало фирмата тврди нејзиниот сопственик Марјан Бојковски, објави Алфа ТВ.
Тој обвинува дека станува збор за органзирана група уценувачи кои како вирус се шират во бизнисот со дистрибуцијата со лекови.
Бојковски во 2017 година поднел барање до Агенцијата за лекови за дозвола за интервентен увоз. Тврди дека поднел комплетна документација, надевајќи се дека без никаков проблем ќе ја добие дозволата. Иако рокот за одобрување е 30 дена, никаков одговор од Агенцијата не добил. На 15 јануари 2018, му се јавува пријател кој бара да се сретне со него. Бојковски вели дека требало да даде мито, а случајот го пријавил во МВР.
На 8 февруари 2018 во Единицата за економски и компјутерски криминал во Скопје поднел кривична пријава. Во неа навел кој и зошто му бара поткуп – кој му се јавил и во чие име го барал поткупот.
Веќе следниот ден на врата му тропнале инспектори од Агенција за лекови, да му извршат вонреден инспекциски надзор. Тоа е доволна причина за сопственикот на „Гео Фарм“ да се сомнева дека некој дошепнал за неговата пријава во полиција, за мито од 10 проценти.
10% од секоја увозна дозвола. Па, тоа на годишно ниво е од прилика од 40.000 до 48.000 евра – објаснува сопственикот на „Гео фарм“
Инспекторите од Агенција за лекови ја пломбирале фирмата, без никаква основа, тврди Бојковски.
Иако полицијата осмислила акција за поткупот, истата се реализирала, но до сега нема одговор зошто никој не е уапсен. Тој самоиницијативно 6 месеци испраќал дописи до Обвинителство за да провери до каде е случајот, а во октомври годинава го повикале во „Организиран“ за да даде исказ.
Случајот за затворањето на „Гео Фарм“, е пред Управен суд повеќе од година ипол, но нема завршница.
И во Обвинителството за организиран криминал се влечка работата, вели Бојковски.
Во институциите нема доверба, во правна држава не верува, бидејќи како што вели тој го пријавил и митото и митаџиите, но наместо да ги фатат оние што го уценувале, им дошепнале како да се заштитат, а него му ја затвориле фирмата.