За денеска претпладне е закажана собраниската седница на чиј дневен ред се измените и дополнувањата на законите за основно и средно образование. Тоа се воедно и првите два законски текста на кои ќе работи новиот собраниски состав, а Владата предлага да се донесат по скратена постапка.
Измените и дополнувањата на овие два закони со кои се регулира задолжителното образование во земјава, пренесува порталот 360 степени се поттикнати од ковид-кризата поради која последните месеци од претходната учебна година основците и средношколците ги минаа во импровизирано онлајн учење. Бидејќи тој систем принудно беше воведен поради избивањето на пандемијата, за оваа година, која започнува со еден месец задоцнување, се работи на единствена национална платформа за онлајн-настава која ќе биде унифицирана за сите училишта и ќе биде промовирана наскоро.
Измените и дополнувањата се речиси идентични во двата закони и се однесуваат на организирање на наставата во вонредни околности- кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди.
Во вонредни услови, пренесува 360, училиштето може да продолжи и со воннаставните активности, кои се доброволни за учениците, со тоа што, наставникот во вакви услови води евиденција за присуство на учениците, но не се издава додаток на свидетелството, како што е случај во редовни услови на наставата.