Учеството на туризмот во БДП, во изминатите две години, е 1,4 отсто. Согласно државната стратегија за развој на туризмот до 2020 година проекциите се приходот од туризмот да постигнат пет отсто од БДП.
Според податоците на Народна банка, девизниот прилив во 2013 изнесувал 136 милиони долари. Минатата година, пак, во туризмот биле вложени 2,1 отсто од вкупните инвестиции во земјата. Проекциите за годинава се трендот на пораст да продолжи.
Во изминатиот период Владата презема серија мерки со кои го поттикна туристичкиот промет.
Како резултат на субвенциите, од 2010 година па наваму се вратија и туристите од соседните земји. Од европските земји има постојан пораст на бројот на туристи, особено оние од Холандија, Финска и Полска. Се субвенционираа странски туристи за земјите од Бенелукс, Скандинавија, Обединети Арапски Емирати, Јапонија, Кина, Индија, Русија и Украина.
За следната година се најавува субвенционирање на тур-оператори, кои ќе носат туристи од Казахстан, Азербејџан, Катар, Германија, САД и Англија.
Со субвенционирање на авио-летовите на ниско буџетните комапнии, Македонија со директни конекции се поврза со поголемите градови во Европа и светот, нешто што подолго време претставуваше горчлив проблем за регрутирање на туристи од големите градови низ светот.
Бројот на странски туристи во Македонија изминативе осум години е зголемен повеќе од двојно. Вкупниот број на туристи забележуваат раст близу 40 отсто.
Бројот на домашни туристи во периодот јануари-април годинава споредено со истиот период лани е за 8,4 отсто повеќе, а обемот на странски гости е речиси идентичен како лани. Евидентиран е пораст од 0,3 отсто.
Во првите четири месеци од годинава, пак, во Македонија бројот на ноќевања е поголем за 2,2 отсто споредено со истиот период лани.