
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, бугарскиот пратеник Илхан Ќучук, во понеделникот го поздрави стапувањето на должност на новата македонска влада и нејзиното „брзо формирање“ во услови на глобална пандемија.
„Треба да потсетиме дека Заев ги истакна и договорот со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција како основа за продолжување на реформите. Новата влада во Скопје, која е јасно проевропска сега ги има сите алатки за да го продолжи напредокот што го направи Северна Македонија во последните години. Сметам дека една од првите задачи на новата влада е да изготви патоказ за пристапување, врз основа на широк консензус во земјата, а во меѓувреме Советот на ЕУ треба да го усвои финалниот текст од преговарачката рамка за да може да се свика првата меѓувладина конференција најбрзо што може“, порача Илхан Ќучук во неговата писмена реакција до медиумите.
Илхан Ќучук како известувач за Македонија во Европарламентот учествува во подготвувањето на мислењето на оваа институција за реформите во земјата. Иако овој извештај не е правно обврзувачки, тој се зема предвид при носењето одлуки за ЕУ патот на земјата во другите институции. Ќучук е бугарски пратеник од редовите на Либералдемократите „Обнова“ во ЕП.