Учителите на Флорида може да носат пиштоли во училниците

Законодавната власт на американската сојузна држава Флорида го одобри законот кој им дозволува на учителите носење пиштоли во училниците, по ланското смртоносно пукање во средното училиште во Паркленд, со цел да се спречат слични масакри.

Претставничкиот дом на Флорида гласаше со 65 гласови „за“ наспроти 46 „против“ во полза на законото по расправата коај траеше два дена во кои републиканското мнозинство ги спречи напорите на демократите законот да биде изменет, одложен или укинат. Минатата седмица Сенатот на Флорида го одобри со 22 гласа „за“ и 17 „против“.

Во март минатата 2018 година Претставничкиот дом на американската сојузна држава Флорида го одобри законот со кој се ограничува пристапот до огнено оружје од 18 на 21-годишна возраст, но и создаде простор за можност за вооружување на училишниот персонал, како одговор на масакрот во Паркленд кога беа убиени 17 луѓе. Тогаш по изгласувањето во Сенатот на Флорида, „законот за јавна безбедност Мерџори Стоунмен Даглас“ беше одобрен во Претставничкиот дом со 67 гласови „за“ наспроти 50 „против“.

Се очекува дека републиканскиот гувернер Рон Де Сантис ќе го потпише предлог-законот во закон, овозможувајќи им со тоа на училиштата да учествуваат во волонтерската програма „Чувар“ (Guardian), преку која може да им овозможат носење оружје на оние учители кои ќе минат обука од 144 часа. Гувернерот лани изјави дека се противи на предлогот на претседателот Доналд Трамп да се вооружат наставниците.

На 14-ти февруари 2018 година поранешен ученик влезе во средното училиште „Marjory Stoneman Douglas“ во Паркленд вооружен со полуавтоматска пушка и почна да пука, а притоа унби 17 и рани 17 лица.

Американскиот претседател Доналд Трамп и влијателното Национално пушкарско здружение (National Rifle Association NRA / или Национално здружение за огнено оружје) кое повикувајќи се на американскиот устав заговара слободно носење и поседување оружје, тврдат дека вооружените учители може да ја осигураат најдобрата одбрана од ваквите напаѓачи кои имаат намера да извршат масовно убиство.

Опозицијата, пак, прашуваше дали решение за оруженото насилство е присутноста на новото оружје и предупреди на опасноста од неипсравно користење на оружјето во текот на кризи, како и на можноста полицијата да го замени учителот со пиштол со напаѓачот.

Од огнено оружје годишно во САД гинат над 30.000 лица, а училишната младина се нарекува „генерација на масовното пукање“ или „генерација Колумбина“, според името на средното училиште во сојузната држава Колорадо каде што двајца ученици во 1999 година усмртија 12 колеги и професори и беше еден од првите вакви масакри во американските училишта кои следеа.