Историската јануарска бура донесе повеќе снежни врнежи долж брегот на Мексиканскиот залив на САД во средата, откако речиси ги парализираше Хјустон и Њу Орлеанс во изминатите два дена и затрупа делови од флоридскиот Панхендл.
Дополнителни 10 сантиметри снег, во комбинација со лапавица и замрзнат дожд, се очекува да паднат на некои места во северна Флорида, јужна Џорџија и југоисточна Јужна Каролина додека бурата поминува низ регионот, соопшти Националната метеоролошка служба во средата.
Флорида можеби веќе го сруши својот рекорд со 23 сантиметри снег во западниот град Милтон во близина на Пенсакола, изјави Френк Переира, метеоролог од Националната метеоролошка служба.
Градоначалничката на Милтон, Хедер Линдзи, изјави дека не видела снегулка во градот од 2014 година. Градот нема машини за чистење снег, а повеќето жители немаат ниту лопата, рече Линдзи.
Во Талахаси, главниот град на Флорида, каде што во јануари температурите обично се движат околу 15 Целзиусови степени, во среда се очекуваат температури дури од 15 Целзиусови степени.
Зимската бура веќе ги погоди главните градови на брегот на Мексиканскиот залив, како Хјустон, каде паднаа 10 сантиметри снег, најмногу од 1960 година. Во областа Њу Орлеанс, на некои места паднаа рекордни 25 сантиметри снег.
Во невремето загинаа најмалку 12 лица, вклучително и пет во округот Завала, во сојузната држава Тексас, во вторникот рано наутро во сообраќајна несреќа на автопатот 57, соопшти Одделот за јавна безбедност во Тексас. Уште два смртни случаи во Тексас, наводно, се предизвикани од изложеност на студ во Остин, објавија официјални лица.
Други смртни случаи поврзани со студ се пријавени во Алабама и Џорџија, соопштија официјални лица.
Националната метеоролошка служба предупреди околу 38 милиони луѓе ширум регионот за опасноста од смрзнатини, хипотермија и лоши услови на патиштата.
Повеќе од 150.000 домови и бизниси останаа без струја од Тексас на исток до Џорџија и Флорида, според веб-страницата Poweroutage.us. Многу училишта и канцеларии на локалната самоуправа се затворени, а автопатиштата низ регионот се лизгави, покриени со снег и мраз.