Угостителите реагираат: Наместо една, добивме три даночни стапки

Независната угостителска комора (НУК) реагира на последниот сет мерки на Владата и забележува дека само делумно е спроведено предизборното ветување за намалување на ДДВ и за негов линеарен износ.

Со предизборните кампања на угостителите им беше ветено унифицирање на данокот на додадена вредност со една единствена даночна стапка од 10 процентен ДДВ за сите ресторански услуги, велат од НУК и нагласуваат дека за жал Владата ветувањето го спроведе со парцијално решение на воведување на данок на додадена вредност во висина од 10 отсто исклучиво за услуги на предавање на храна и на пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги, со исклучок на алкохолни пијалаци.

Со воведување на новата повластена стапка останаа во важност претходно важечките стапки во висина од 5 и 18 отсто со што од 1 јануари во угостителската индустрија постојат 3 стапки на ДДВ и тоа од 5, 10 и од 18 отсто што на некој начин, со почетокот на новата 2021 година, создаде хаос во работењето, соопшти НУК:

Според оваа комора, воведувањето на новата даночна стапка во угостителството сите угостители нема рамноправно да ја почувствуваат.

„Рестораните, гостилниците, националните ресторани и сите оние кои работат со храна ќе имаат поголем бенефит од кафетериите, баровите, пивниците, ноќните клубови и дискотеките кои работат само со пијалоци. Краткорочни и брзи позитивни ефекти со воведувањето на новата стапка нема да има, ниту пак ќе има битно влијание во работењето или во брзо заздравување на угостителската индустрија од последиците на пандемијата. Долгорочно гледано бенефитите, и покрај тоа што не е во целост применета новата стапка од 10 отсто на сите угостителски услуги, ќе има позитивен ефект во законското работење на угостителите”, пишува во соопштението на НУК.

Од оваа угостителска комора предупредуваат дека дополнителен проблем во моментов е што голем број на угостители нема да можат веднаш да го користат бенефитот од новата повластена даночна постапка затоа што со исклучок на една компјутерска фирма, која објави каако да се подесат фискалните принтери за користење на новата повластена ставка, останатите продавачи и сервисери на фискални апарати сѐ уште немаат објавено соодветни упатства.

„За хаосот да биде поголем на сето ова создава и Правилникот изготвен од Министерството за финансии за начинот на воведување на новата стапка на ДДВ во висина од 10% кој е објавен во Службен весник бр. 315 еден ден пред почетокот на неговата примена на 30 декември 2020 година што остава многу кратот рок на прилагодување на ПОС системите кај угостителите и користење на новата повластена даночна стапка”, реагира НУК.

Оттаму предупредуваат дека со новата даночна стапка се појавува и понатаму проблемот и можноста за различно толкување и правото на користење на двете повластени стапки од 5 и од 10 осто во еден ист објект кои се употребуваат за достава на храна со 5 проценти ДДВ и предавање на храна и на пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги со 10 проценти ДДВ.

„Поради пандемијата со ковид-19 голем број угостителските објекти воведоа во своето работење достава на храна. Угостителите кои покрај предавањето на храна на лице место и кетеринг услуги ќе сакаат да продолжат да работат со достава на храна и примена на повластената даночна стапка од 5 отсто ќе треба да регистрираат посебни подружници во своите објекти со посебни фискални апарати преку кои ќе го остварат правото на користење на оваа повластена даночна стапка како би се избегнеле можноста за манипулација и повторна злоупотреба на правото на користење и толкување на даночната политика и од страна на угостителите и од страна на даночните инспектори”, велат од НУК.

Независната угостителска комора нагласува дека ќе се заложи во наредниот период што побрзо Владата да го доисполни своето изборно ветување за една даночна стапка за сите угостителски услуги односно да ја исправи грешката што ја направи со парцијалното воведување на новата повластена стапка од 10 проценти за услуги на предавање на храна и на пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги, со исклучок на алкохолни пијалаци.

„Покрај проблемите на усогласување на новата повластена даночна стапка угостителите во наредниот период треба да извршат и усогласување на класификација на своите услуги од Македонско потекло за потребите на МојДДВ за што Независната угостителска комора ја превзема иницијативата за формирање на единствен регистар на производители и добавувачи во угостителската индустрија со целосен попис на сите производи и услуги кои се употребуваат во угостителството”, се вели во соопштението на НУК.