Укинат куќниот притвор за Беким Незири, одземен му е пасошот

Апелациониот суд му го укина куќниот притвор на претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Беким Незири кој беше предводник на групата која предизвика нереди во контролата на летање на М-НАВ.

Откако судија на претходна постапка не го прифати барањето на обвинителството за притвор, Кривичен совет ги смести во домашен, а сега Апелација ја прифати неговата жалба и го пушти на слобода. На негова страна застанало и вишото обвинителство.

Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста, медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот, информира дека постапувајќи по жалбите на осомничените Алмир Рамдедовиќ и Беким Незири, двајцата од Скопје, во предметите КСЖ 63/24 и КСЖ.бр.59/24, донесе Решенија со кои жалбите на осомничените ги уважи, а решенијата на кривичниот совет на првостепениот суд ги преиначи, на начин што мерката куќен притвор ја укина, а ги остави во сила определените мерки на претпазливост, кои во овој момент претставуваат доволна гаранција за обезбедување на присуството на осомничените.

За останатите осомничени, судот, исто така, првично не одреди притвор, а кривичниот совет потоа ги смести во домашен.