После долги години злоупотреби и партиски манипулации, Владата на денешната седница ќе ги разгледува измените на предлог законот за здравствената заштита, со што ќе се укине институцијата “економски директори” во јавните здравствени установи, најави на својот Фејсбук профил премиерот Христијан Мицкоски.
Тој истакна дека со оваа мерка се стремат кон подобрување на ефикасноста во управувањето со здравствените установи, намалување на административните трошоци и насочување на средствата кон подобрување на здравствените услуги.
-Новите законски одредби предвидуваат дека здравствените домови со над 1.000 вработени, универзитетските клинички центри, универзитетските клиники, клиничките болници и институтите ќе бидат раководени од само еден директор, кој ќе биде одговорен за организацијата и работењето на установата, како и за законитоста на работењето. На овој начин ќе се лоцира и одговорноста и укине дуализмот во одлучувањето, смета премиерот.
Мицкоски верува дека реформата ќе овозможи пренасочување на средствата кон подобрување на здравствените услуги и инфраструктурата, зголемување на транспарентноста и отчетноста во работењето, како и подобрување на условите и квалитетот на здравствените услуги за сите граѓани.