Утрово пристигна вистинска политичка бомба од Берлин: Укинување на Шенген и гранични контроли.
Од вчера на граничните премини во Германија се спроведуваат гранични контроли, а исто така во застој е и железничкиот сообраќај од Австрија кон Германија, пишува британски Гардијан.
Министерот за внатрешни работи на Германија Томас де Мазијере на вонредна коференција за медиуми објави дека Германија одлучила повторно да воведе гранични контроли.
Одредбите од Шенгенскиот договор за слободно движење низ границите од денес привремено веќе нема да важат на германско – австриската граница каде повторно секој патник ќе мора да покаже пасош или лична карта.
Повторно воведуваме гранична контрола. Целта е да имаме надзор во влегувањата во нашата држава. Шенгенскиот договор дозволува ваква мерка од безбедносни причини. Свесни сме за фактот дека кревањето граници и огради не го решава проблемот, но ова е нужен чекор, ни треба време за да воспоставиме ред. Германија покажа голема волја за да им помогне на бегалците, ќе продолжиме тоа да го правиме, но таа помош не смее да биде пренапната, изјави германскиот министер.
Оваа одлука драматично ќе го засили притисокот врз земјите членки на ЕУ, кои денес на состанокот на Советот на министри за внатрешни работи би требало да се договорат за солидарното преместување на 160.000 бегалци кои пристигнале до Грција, Унгарија и Италија, а чијашто прераспределба беше предложена од страна на Европската Комисија.
Германската канцеларка Ангела Меркел претходно изјави дека, ако не се постигне договор за солидарно згрижување на бегалците по квоти во цела ЕУ, ќе биде доведен во прашање Шенгенскиот договор за безграничната зона.
Само во саботата во Минхен, престолнината на покраината Баварија на југот на Германија, кое е првото место каде бегалците пристигнуваат, регистриран е рекорден број на 12.200 бегалци.
Локалната полиција соопшти дека градот речиси во целост ги исцрпел своите капацитети за прифаќање бегалци.
Од почетокот на годината, во Германија пристигнаа 450.000 бегалци. Германската влада очекува 800.000 нови бегалци во текот на годинава.