Украдени планови за обезбедувањето на Олимпијадата во Париз

Торба со компјутер и две УСБ-а со полициски планови за обезбедување на Олимпијадата во Париз е украдена од воз на париската железничка станица Гар ду Норд.

Торбата му припаѓа на инженер вработен во Градското собрание на Париз. 56-годишникот и објаснил на полицијата дека ја ставил торбата во багажниот простор над седиштето во возот во понеделникот наутро.

Исчезнувањето на вредната торба го открил кога поради доцнењето сакал да се префрли во друг воз.

Истрагата ја води сообраќајната полиција, на која инженерот ѝ потврдил дека во чантата го носел работниот компјутер и две УСБ со чувствителни податоци, односно плановите за обезбедување на Летните олимписки игри во Париз од 26-ти јули до 11-ти август.

Париз ќе мобилизира околу 2.000 агенти за обезбедување на Олимпијадата, покрај вкупно 35.000 припадници на безбедносните сили кои ќе бидат на должност секој ден на Олимписките игри.