Украина бара германски тенкови, Германците не го поддржуваат тоа

Сѐ поголем е притисокот врз Германија од западните сојузници да ѝ испорача на Украина тешки борбени тенкови од моделот „Leopard 2, а украинскиот претседател Володомир Зеленски во четвртокот го критикуваше колебањето на Берлин во испораката на тешко вооружување, додека истовремено германските граѓани и во новото истражување на јавното мнение не го поддржуваат нивното испраќање.

„Има моменти кога не треба да се колеба и да се каже ‘Ќе ги дадам тенковите ако некој друг ги дели своите тенкови’. Не мислам дека тоа е исправна стратегија“, рече Зеленски на маргините од Светскиот економски форум во Давос.

Истовремено повторно мнозинството Германци не го поддржуваат предавањето на какви и да се борбени возила на Украина и сметаат дека нивната земја сторила доволно, покажува анкетата објавена во четвртокот.

Од вкупно 2.025 испитаници, 43 отсто било против испораките а само 39 отсто биле „за“. Уште 16 отсто не се изјасниле според анкетата која за агенцијата DPA ја спровел институтот за испитување на јавното мнение YouGov.

Дури 49 отсто од Германците сметаат дека е погрешна одлуката на владата во Берлин да ѝ ги испорача на Украина пешадиските борбени возила „Marder“, покажува пред две седмици објавената во весникот Bild. Истовремено, одлуката ја поддржале 40 отсто од испитаниците. Според истото истражување, 38 отсто од Германците веруваат дека Германија треба да испорача тешки борбени тенкови на Украина, додека против се 50 отсто од испитаниците.

 

Германците сметаат дека доволно дале

Според канцеларот Олаф Шолц, неговата земја сега е една од земјите кои најмногу ја помагаат Украина. Тоа се однесува и на испораките на оружје, меѓу кои се самоодните хаубици и противракетните тенкови „Gepard“, а канцеларот минатата седмица ги спомена и повеќецевни ракетни лансери и системи на противвоздушната одбрана „IRIS-T“.

Во текот на изминатата година од избувнувањето на руската инвазија, Германија на Украина ѝ испорачала оружје и воена опрема во износ од поголема од 2,2 милијарди евра, вклучително и тешка артилерија и противтенковски и системи за противвоздушна одбрана и покрај лошата состојба на Бундесверот поради што Берлин донесе одлика за реформа на германската војска во износ од 100 милијарди евра.

Секој трет испитаник, или 33 отсто Германци, сметаат дека тоа е веќе доволно. Други 24 отсто велат дека количеството оружје испорачано на Украина е соодветно, додека 25 отсто бараат поголема воена поддршка на Берлин за Киев.

Наспроти нерасположеноста на испитаниците во анкетата на YouGov кон тоа нивната земја да ѝ предаде тенкови на Украина, повеќето Германци не се противат тоа да го сторат другите земјо Вкупно 47 отсто го поддржале тоа, а 38 отсто биле против а 16 отсто не се изјасниле.

Германија, којашто ги произведува тенковите „Leopard 2“, според сите вообичаени договори во сферата на продажба на оружје, мора да даде согласност за какво и да е натамошен трансфер на тенковите кои ги произведува. Овие тенкови, кои имаат напредни способности, како што е термална оптика, ги имаат 20 земји во своите арсенали.

Полска и Финска веќе рекоа дека ќе ги испорачаат своите „Leopard 2“ на Украина, откако Киев бараше „илјада тенкови“, што упатува на тоа дека во досегашниот тек на војната речиси се уништени нејзините тенковски сили.

Минатата седмица германскиот вицеканцелар Роберт Хабек, коментирајќи ги полските планови за предавање на тенковите на Киев, рече дека Берлин нема да ја спречува Варшава да ги испорача. Таквата одлука, секако, ѝ создава на Германија можност за нови нарачки на тие тенкови од земјите кои ќе ги испорачаат на Киев.

„Германија не би требало да стои на патот кога другите земји носат одлука за поддршка на Украина, без оглед на тоа каква ќе биде одлуката на Германија“, рекол Хабек на затворен состанок на извршниот одбор на парламентарната група на Зелените во Берлин.

 

Берлин во петок пред голем тест

Германскиот канцелар Олаф Шолц допрва треба да ја донесе конечната одлука за ова прашање. Германската влада во петок ќе се соочи со голем тест, кога министрите за одбрана на неколку десетици земји кои ја поддржуваат Украина во војната против Русија треба да се сретнат во американската воздухопловна база Рамштајн во западна Германија за да разговараат за натамошна воена помош на Киев.

Испораката на западните тенкови ќе биде централната тема на разговорите во Рамштајн. Седмицава Велика Британија го зголеми западниот притисок врз Германија да испрати во Украина само 14 свои тешки борбени тенкови од моделот „Challenger 2“ со што стана првата европска земја која испраќа западни тенкови, што Киев го поздрави иако самиот тврдеше дека му се потребни најмалку 50 британски тенкови.

Но челникот на најголемиот германски производител на оружје „Rheinmetall“ соопшти во неделата дека би можел на Украина да ѝ испорача поправени тенкови од типот „Leopard 2“ најрано во 2024 година. Поправката на тенковите кои се на залиха чини неколку стотици милиони евра, а компанијата не може да започне со поправката пред да ѝ биде потврдена нарачката, рече за весникот Bild, извршниот директор Армин Папергер.