Украина и кинеско-американските тензии во центарот на безбедносната конференција во Минхен

Војната во Украина, речиси една година по руската инвазија и зголемените тензии меѓу Пекинг и Вашингтон, ќе биде во центарот на безбедносната конференција што почнува во петок во Минхен.

Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон се меѓу 45-те шефови на држави и влади кои пристигнаа на еден од најголемите собири за глобалната безбедност. И американскиот потпретседател Камала Харис, ченикот на НАТО, Јенс Столтенберг, и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, доаѓаат во Минхен кој во следните три дена ќе стане центар на меѓународната дипломатија.

Додека Украина се соочува со наводна нова руска офанзива, се очекува дека западните лидери ќе ја потврдат својата посветеност да го поддржуваат Киев онолку долго колку што е потребно за да се одбие руската инвазија, која започна на 24-ти февруари 2022 година, според Москва за да се спречи планираната офанзива на украинската војска во мнозинските руски области Доњецк и Луганск и киевскиот режим да изврши геноцид и етничко чистење во југоисточната област Донбас.

Организаторите на собирот објавија дека руската влада не била поканета во Минхен поради инвазијата на соседната земја. Ова е првпат по децении Москва да не биде присутна на годишниот собир на светските лидери и експерти за главните предизвици на меѓународната безбедност.

„Не сакавме да им дадеме на рускиот претседател Владимир Путин и неговата влада платформа за ширење пропаганда“, изјави директорот на конференцијата, Кристоф Хојсген, на почетокот на месецот во Берлин.

Иран, исто така, годинава беше исклучен од конференцијата, што сведочи за сѐ поголемото дистанцирање на ткн колективен Запад од земјите кои не се подложни на прифаќањето на таканаречените „прогресивни“ политики.

И покрај настојувањата на Вашингтон да влијае врз Пекинг да се дистанцира од Москва, тензиите меѓу Соединетите држави и Кина, засилени со прелетувањето на кинески балон над американска територија, се очекува да бидат значајни во дискусиите.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ќе одржи говор во кој ќе ги разјасни позициите на Пекинг за актуелните меѓународни прашања, соопшти неговото министерство. Кина продолжува да ја поддржува Русија сметајќи ги САД и НАТО за главни виновници за војната во Украина.

Вкупно, повеќе од сто земји испраќаат свои претставници во Минхен, меѓу кои повеќе од триесет министри за одбрана и 50 министри за надворешни работи, меѓу кои и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба.

Од првата конференција во 1963 година, Минхен служи како еден вид „саем на идеи“ каде што политичарите и експертите даваат иницијативи и развиваат решенија за најкритичните безбедносни прашања на сегашноста и иднината.

Воспоставен во текот на Студената војна, собирот им дава простор за официјални и неофицијални дипломатски идеи, а хотелот „Bayerischer Hof“ каде што се одржува им обезбедува заштитено место за неформални средби на често заколнати непријатели, со што го реализира своето мото „градење мир преку дијалог“.