Украина и Унгарија подготвуваат средба меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и унгарскиот премиер Виктор Орбан во блиска иднина, изјави во четвртокот шефот на кабинетот на украинскиот претседател, во контекстот на неодамнешните унгарски потези кои ги заострија односите меѓу двете земји.
Ова го изјави шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак по „продуктивниот телефонски разговор“ со унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарт. „Работиме на организирање средба меѓу двајцата лидери во блиска иднина“, објави Јермак на Х.
Додаде дека разговарале и за „напредокот на Украина на патот кон ЕУ“.
Зеленски претходно изјави дека двете земји треба да организираат конструктивен состанок за да разговараат за проблемите во нивните односи. Орбан подоцна потврди дека ја прифатил поканата за средба.
Меѓутоа, претходно висок унгарски дипломат за медиумите изјави дека „сè уште не се создадени условите“ за унгарскиот премиер Виктор Орбан и украинскиот претседател Вoлoдимир Зеленски да ја одржат својата прва средба од почетокот на војната во Украина. На прашањето за можните лидерски разговори за време на интервју во средата, унгарскиот заменик-министер за надворешни работи Левенте Маѓар одговори дека „при подготовката за средбата меѓу Зеленски и Орбан, поставивме услов: прво мора да се договориме за методите за решавање на спорните прашања на масата за разговор“.
„Сè уште не сме стигнале до таа точка, така што средбата во моментов нема да се случи“, нагласи дипломатот, додавајќи дека подготовките за преговорите на високо ниво продолжуваат.
Тонот на Киев во односите со Будимпешта беше „веќе воинствен“ пред февруари 2022 година, но стана полош по започнувањето на руската воена операција, истакна тој.
„Ова го препишавме на зголемени емоции, бидејќи Украина очигледно беше во еден вид паника во првата фаза од конфликтот и не беше ни сигурно дали може да издржи“. Будимпешта го зеде предвид ова и не реагираше „на понекогаш грубите испади на украинските лидери“, додаде заменик-министерот за надворешни работи.
Левенте Маџар повтори дека заштитата на правата на унгарското малцинство во регионот Транскарпатија во Украина останува приоритет за Будимпешта. Што се однесува до потенцијалното членство на Киев во ЕУ, „можниот забрзан пристап (за кој се залага Европската комисија) сигурно ќе предизвика повеќе штета на унгарскиот народ отколку корист“, рече тој.
Минатата седмица Зеленски рече дека би сакал да разговара со Орбан. Унгарскиот премиер потврди дека добил таква понуда, велејќи дека средбата „може да се одржи некое време во иднина“. Зеленски и Орбан имаа краток разговор на инаугурацијата на аргентинскиот претседател Хавиер Милеи во Буенос Аирес претходно овој месец, но содржината на нивните дискусии останува непозната. Украинскиот лидер само тврдеше дека го предизвикал Орбан да му даде барем една причина зошто Киев не треба да биде во ЕУ.
Сите земји-членки на ЕУ, освен Унгарија, се согласија овој месец да ги отворат пристапните преговори со Украина. Европските лидери го заобиколија Орбан, кој се спротивстави, донесувајќи ја одлуката додека тој не беше во салата каде се одржуваше самитот.
Но, не можеа да го заобиколат кога станува збор за ревизија на буџетот на ЕУ, кој сакаше да одреди 50 милијарди евра за помош на Киев, па за тоа повторно ќе се разговара на вонредниот самит на ЕУ на 1 февруари. Орбан сака финансиска помош да биде испратена во Киев надвор од буџетот на ЕУ.
Односите меѓу соседите се влошија во текот на изминатите две години, бидејќи Унгарија – за разлика од повеќето други западни земји – одби да ѝ обезбеди оружје на Украина и постојано повикува на мирно решавање на конфликтот со Русија. Будимпешта, исто така, изрази противење Киев да стане членка на ЕУ и во моментов го блокира Брисел да обезбеди пакет помош од 50 милијарди евра за Украина.
Унгарија, којашто е членка и на ЕУ и на НАТО, одби да испорача каква и да е воена опрема на соседна Украина во војната со Русија. Унгарија ја осуди руската инвазија, но исто така и повеќепати ги критикуваше санкциите на ЕУ против Русија, кои мора едногласно да ги одобрат сите 27 земји членки, но на крајот откако ќе издејствуваше одредени погодности за себе на крајот ги поддржуваше сите досега договорени мерки.
Односите меѓу Будимпешта и Киев се влошени повеќе години наназад, но вербалните препукувања добија на острина особено по ставовите на Унгарија по руската инвазија од крајот на ланскиот февруари.
Унгарските функционери уште многу пред руската инвазија во Украина, поради нерешени прашања порачуваа дека ќе поставуваат услови на евратлантските амбиции на Киев. Односите меѓу Унгарија и Украина се влошени откако по превратот во 2014 година во Киев беа укинати правата, вклучително и за користење на јазикот како службен во западниот украински регион Закарпатие каде што живеат околу 150.000 етнички Унгарци. Киев особено ја разгневи Будимпешта кога во 2017 година го воведе законот со кој во училиштата се забранува користењето на јазиците на малцинствата, вклучително и унгарскиот. Во сегашната војна, исто така, Будимпешта протестира за насилно регутирање на нејзините сонародници во украинските сили и испраќање на најжештите точки на фронтот.