Украина објави дека разоткрила мрежа агенти кои шпионирале за Русија

Украинската безбедносна служба СБУ во вторникот објави дека навотно разоткрила 12 агенти кои шпионирале за Русија за да ги откријат локациите на авионите „F-16“ и системите за противвоздушна одбрана во Украина.

Бил приведен наводниот организатор и четворица „клучни соработници“ под сомнение за предавство и давање информации за локациите на украинската армија, се вели во соопштението објавено на Telegram.

Членовите на мрежата работеле засебно во пет региони на југот и североистокот на Украина за да ги лоцираат воените аеродроми и пунктови за воздушна одбрана, како и компаниите кои се занимаваат со електронско војување, наведуваат од СБУ во објавата која доаѓа по континуираните руски масивни удари врз споменатите позиции на територијата на Украина.

Мрежата вклучувала некои „дезертери кои ги напуштија вооружените сили без дозвола и беа регрутирани од руските специјални служби додека се криеја од правдата“, според украинското разузнавање.

„Членовите на мрежата користеле познаници во украинската армија кои служеле на бојното поле и кои им давале информации без да знаат како ќе бидат искористени. Тие потоа извидувале потенцијални цели и ги испратиле информациите до водачот на групата, кој ги проследил до надзорникот во руската воена разузнавачка служба“, се додава во објавата.

СБУ ја „неутрализирал мрежата на агенти“ и работи да ги изведе и другите членови пред лицето на правдата. Тие се соочуваат со доживотен затвор.