Украина отвори интернет страница за загинати руски војници

Украина во неделата отвори интернет страница за наводно загинати руски војници за да ги извести нивните семејства, што се толкува како обид да се поттикнат масовни протести во Русија за запирање на воената операција во соседната земја.

На страницата 200rf.com се поставени фотографии и воени документи од руските војници за кои се претпоставува дека загинеле од почетокот на руската офанзива во четвртокот.

На истата страница се поставени и снимки од заробени руски војници, со нивни имиња и места и градови од кои доаѓаат.

„Знам дека многу Руси се загрижени и сакаат да знаат што е со нивните синови, браќа, сопрузи“, изјави Виктор Андрушев, советник на укранскиот министер за внатрешни работи.

Киев тврди дека во изминатите четири дена украинската војска убила повеќе од 4.300 руски војници и заробила над 200. Западот, пак, не споменува никакви процени, но наведува дека украинскиот отпор бил силен и неочекуван за руската војска.

Руското министерство не реагира на објавите од Украина, и наведува дека во настапувањето војската е ориентирана само на воени цели. Соопшти во неделата дека од четвртокот се уништен 975 воени цели, и оти е заробен 471 украински војник. Не се споменува бројот на убиени украински војници.

Обединетите нации претходно објавија дека во борбите во Украина загинале досега 64 цивили, но непознато е дали во тоа се опфатени и цивилите загинати во проруските региони во Донбас. Според истиот извор, најмалку 368.000 цивили до саботата ја напуштиле Украина.