Проруските сили од одметнатиот регион Доњецк помогнати од руските единици во четвртокот заземале уште 42 населени места во делот од оваа украинска источна област кој сѐ уште е под контрола на украинските сили, но тие би можеле повторно да ги заземат, изјави за новинарите помошничката на шефот на кабинетот на украинскиот претседател.
„Денеска 42 населени места се додаден на списокот окупирани. Тоа е на штета на регионот Доњец. Тоа се случи денеска и можно е нашите сили утре да ги ослободат“, изјавила Олена Симоненко.
Друга украинска висока функционерка рекла дека укранската војска се соочува со „многу тешка битка против побројните и подобро вооружени“ руски единици, пренесуваат украинските медиуми.
Заменичката на министерот за одбрана Хана Малја за украинската национална телевизија изјави дека за купување и распоредување на оружјето е потребно време и додаде дека „треба да се биде трпелив“.
Во меѓувреме во четвртокот вечерта, украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека на Украина ѝ се потреби 7 милијарди американски долари месечно за да може да ги надомести штетите и загубите поради војната.
„Според најраните прелиминарни процени, Украина загуби 550 милијарди долари како резултат на разорувањата“, изјави Зеленски на виртуелната тркалезна маса во рамките на настаните на пролетната сесија состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.
„Со ваша помош брзо ќе ја обновиме нашата нација, што значи нови деловни можности за бизнисите од различни земји“, рече украинскиот претседател.
Зеленски рече дека „глобалната заедница мора веднаш да ја исклучи Русија“ од меѓународните финансиски институции и ги повика сите земји веднаш да ги прекинат односите со Москва. Тврдеше дека „руската блокада“ на црноморските пристаништа го блокирала „украинскиот извоз, загрозувајќи ја светската прехрабена сигурност“.
Од своја страна, украинскиот премиер Денис Шмихал рече дека бруто домашниот производ (БДП) на земјата може да забележи пад од 30 до 50 отсто годинава.
„Прелиминарната анализа покажува дека директните и индиректните загуби како резултат од руската агрсија надминуваат 560 милијарди долари. Обновата и трансформацијата ќе нѐ чинат 600 милијарди долари“, рече Шмихал.
Претседателот на Светската банка, Дејвид Маплас, изјави дека штетата на украинските објекти и инфраструктурата изнесува досега речиси 60 милијарди американски долари, а во тоа не се вклучени економските штети од војната.