Украинскиот амбасадор во Ватикан во средата го критикуваше поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, поради тоа што Дарја Дугина, ќерката на рускиот филозоф и политиколог Александар Дугин, убиена во атентат во Москва кој се припишува на украинските тајни служби, ја нарече недолжна жртва.
Незабележано е во историјата кој и да е амбасадор во Ватикан да коментира или јавно да критикува изјави на папата. Но украинските дипломати, особено од почетокот на војната, предизвикуваат контроверзии, со истапите во медиуми, како што беше нарекувањето на германскиот претседател „навреден колбас“, како и неодамнешниот повик на украинскиот амбасадор во Казахстан кој повика „да се убиваат сите Руси“.
„Недолжните плаќаат за војната“, рече папата Франциск претходно на општата аудиенција во средата во која се осврна и на „онаа кутра девојка којашто беше разнесена од бомба поставена под седиштето на автомобил во Москва“.
Русија за убиството на новинарката и политички коментатор Дарја Дугина ги обвини украинските служби, што го негираат во Киев.
Украинскиот амбасадор при Светата столица, Андриј Јуриш, во твит објави дека зборовите на Папата се „разочарувачки“.
„Како (е) можно да се споменува еден од идеолозите на (рускиот) империјализам како невина жртва? Ја убија Русите“, објави Јуриш.
Папата Франциск војната ја нарече „лудило“. Рече дека украинските и руските деца се убиени и дека „да се биде сирак не познава националност“.
„Не може да се зборува во исти категории за агресорот и жртвата, силувачот и силуваниот“, додаде Јураш во твитот.