Државната ревизија го предупреди Бундестагот дека помалку од половината од украинските бегалци во Германија успешно го завршуваат курсот за интеграција, објавија во средата германските медиуми.
„И покрај огромните трошоци, резултатите од курсевите за интеграција се отрезнувачки: помалку од половина од украинските бегалци успешно ги завршија овие курсеви“, се вели во извештајот на Државната ревизија доставен до парламентарната буџетска комисија и објавен од германските медиуми.
Државната ревизија се повикува на податоци на Сојузната служба за миграција и бегалци, според кои, од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, пријавени се 450.000 украински бегалци за курсеви за интеграција, кои во најголем дел се состојат од изучување на германски јазик.
Од тој број, до крајот на септември годинава 135.000 започнале интегративни курсеви, од кои само 61.266 успешно ги завршиле курсевите. Околу 56.000 паднале на завршниот испит, во повеќето случаи поради лошо познавање на германскиот јазик, а 16.000 предвреме го напуштиле курсот.
Од почетокот на војната во Украина, во Германија се регистрирани над милион бегалци од оваа земја. Тие, за разлика од другите бегалци, од првиот ден го полагаат правото на целосниот износ на социјална помош и други државни бенефиции, како што се преземање на станарината и комуналиите, исто како и германските граѓани.
Неодамнешните истражувања покажаа дека само секој петти бегалец од Украина на работоспособна возраст има работа. Како главна причина за ниската стапка на вработеност кај украинските бегалци се наведува недоволното познавање на германскиот јазик.