Украинските сили добиле наредба да се повлечат од Северодоњецк

Украинските сили примиле наредба да се повлечат од Северодоњецк, градот на истокот каде се водеа жестоки борби со проруските сепаратистички сили помогнати од руската војска, изјави именуваниот регионален гувернер Серхиј Гајдај, додека сепаратистичката власт во Луганск објави дека уште во четвртокот ја преземала контролата над целото градско подрачје а дека украинските сили се повлекле кон соседниот Лисичанск каде се опколени.

„Украинските вооружени сили ќе мора да се повлечат од Северодоњецк. Примија таква наредба“, објави на Telegram каналот Серхиј Гајдај кој во четвртокот вечерта за националната телевизија изјави дека украинските сили веројатно ќе мора да се повлечат од соседниот Лисичанск за да го избегнат опколувањето.

Лисичанск и блискиот Северодоњецк се во фокусот на руската офанзива во источниот регион Донбас и битката таму се приближува до „жесток климакс“, изјави во средата советникот на украинскиот претседател, додека истовремено руското министерство за одбрана објави за големи загуби на украинските сили и нивно целосно опкружување во областа.

Генералштабот на украинските вооружени сили во четвртокот го потврди губењето на Раи-Александровка и Лоскутивка, кои се на пет километри од Лисичанск.

Засега од Киев нема сигнали како ќе се одговори воено на оваа ситуација, но гувернерот Гајдај рече дека украинската војска можеби ќе мора да се повлече.

„Останувањето на позициите во текот на многуте месеци само поради останување таму нема смисла“, рече претходно Гајдај најавувајќи го повлекувањето. Но тој не прецизираше дали војската ќе се повлече веднаш или има одреден временски рок.

Лисичанск и блискиот Северодоњецк се во фокусот на руската офанзива во источниот регион Донбас, област којашто проруските сепаратисти и руските војски речиси целосно ја контролираат во нејзините административни граници од пред превратот во Киев во 2014 година и избувнувањето на граѓанската војна.

„На многу начини судбината на Донбас се решава овде“, рече неодамна украинскиот претседател Владимир Зеленски, мислејќи на Северодоњецк, во коментарите на некои западни челници дека можеби Киев ќе мора да направи извесни територијални отстапки кон Москва.