Припадници на полицијата и на украинските безбедносни служби рано утрово во Киев извршија претрес во православен манастир стар илјада години, под сомнение дека во манастирот дејствува руска шпионска мрежа и врши „субверзивни активности“. Руската православна црква оцени дека денешниот претрес во православниот манастир во Киев претставува чин на заплашување.
Историскиот православен христијански манастирски комплекс Киевско-печерска лавра, каде што беше извршена рацијата, се смета за украинско културно богатство и е седиште на крилото на Украинската православна црква, поддржано од Русија.
Службата за безбедност на Украина соопшти дека рацијата била извршена за да се спречи користењето на манастирот како „центар на рускиот свет“. Оттаму додаваат дека постои основано сомнение дека просторот се користел за криење на субверзивно-извидувачки групи и странски државјани и за складирање на оружје. Службите не соопштија детали за резултатите од рацијата, пренесува Скај Њуз.
По претресот веднаш следеше реакција од Руската православна црква, оценувајќи дека станува збор за „заплашување“.
Портпаролот на црквата Владимир Легоида изјави дека меѓународната заедница речиси сигурно нема да обрне внимание на денешниот чин на заплашување на верниците, како и во „многу други случаи на прогон на верниците во Украина од 2014 година“.
Инаку, Украинската православна црква во мај се одвои од Московската патријаршија и прогласи целосна независност. Тие, исто така, тогаш изразија осуда за поглаварот на Руската црква, патријархот Кирил, поради неговата поддршка за инвазијата.