Украинските војници стрелале 16 цивили во селото Великаја Александровка на северот од Херсонската област, од којашто поголемиот дел по референдумот на мнозинското руско и рускојазично население е вклучен во составот на Русија, тврди во петокот Кирил Стремоусов, еден од челниците на воено-цивилната руска администрација на регионот во јужна Украина.
„… Добивме информација дека во Великаја Александровка за која велат дека ја заземале, пред очите на човекот стрелале 16 лица, првите кои ги фатиле се одведени и стрелани. Нејасно е дали се мажи, жени… Човекот лично ја видел оваа ситуација“, го цитира соговорникот на агенцијата РИА.
Според Стремоусов, споменатото село се наоѓа во зоната меѓу позициите на двете војски на северот од регионот Херсон и од неодамна е под контрола на украинските сили.
Стремоусов потсетил дека претходно денеска украинската војска извршила напад во областа со американските повеќекратни ракетни системи HIMARS при што една ракета погодила цивилен автобус со кој граѓаните оделе на работа додека преминувал мост во Херсон, при што загинале пет лица а уште пет се ранети.
Ден претходно, исто така, во украинско ракетирање била погодена станбена зграда во Херсон, во обидот да биде погоден Антоновскиот мост преку реката Дњепар.