Претседателот на Зимбабве, Роберт Мугабе ќе се состане со шефовите на војската, среде големиот притисок да поднесе оставка. Средбата е со цел да се разговара за иднината на долгогодишниот лидер.
Војската соопштила дека ќе ги извести граѓаните за исходот од разговорите што е можно поскоро, пренесува Би-Би-Си. Парламентот на Зимбабве „дефинитивно“ ќе започне процес за отповикување на Мугабе, соопштил шефот на опозициската пратеничка група, Иносент Гонесе.
„Доколку Мугабе не замине до вторник, тогаш процесот ќе биде извесен како што Сонцето изгрева на исток“, рекол Гонесе.
Опозициската партија, МДЦ-Т, и претходно се обиде да го отповика Мугабе, но овојпат и владејачката партија ЗАНУ-ПФ е против Мугабе, потсетува Асошиејтед Прес.